Фото: ЕПА

Алонсо играше за многу од најголемите тренери претходните децении, Гвардиола, Мурињо и Анчелоти меѓу нив, и се потпира на нивните примери за инспирација. „Има одредени моменти кога размислувам: ’Што се случи тој ден, во таа ситуација?‘ И тие искуства ми помагаат да направам нешто или да размислувам или да имам поинаков пристап. Она што го научив од тие искуства многу ми помогна во денешно време. Не сакам да зборувам за мојата тренерска или менаџерска улога со голем авторитет, бидејќи не чувствувам дека го имам тој авторитет. Многу е рано да зборувам со авторитет. Се трудам да ги слушам тренерите со повеќе години, кои многу ги почитувам“, рече Алонсо

ФУДБАЛ

Чаби Алонсо повеќе би сакал да игра отколку да биде тренер на Баер Леверкузен. Тоа не ги спречи него и неговиот тим да бидат на врвот во германската фудбалска Бундеслига, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Поранешниот фудбалер од средниот ред на Ливерпул, Реал Мадрид и на Баерн, за 13 месеци го однесе Баер од зоната за испаѓање на врвот во германската лига. Дали тренерската работа му ја дава истата возбуда?
– Да се игра е подобро. Дали ми недостига играњето? Не треба да кажам, но да – им рече Алонсо на новинарите кога беше прашан да ја спореди неговата кариера на теренот со неговиот втор чин покрај аут-линијата.
Работите се движат брзо за Алонсо, откако 41-годишниот тренер нашироко се смета за кандидат за неговиот стар клуб Реал Мадрид кога договорот на неговиот поранешен тренер Карло Анчелоти истекува на крајот од сезоната, пишува АП. Пред тоа, постои мала работа во обидот да донесе трофеј во Баер, кој пет пати беше вицешампион во Бундеслигата и еднаш во Лигата на шампионите. Како победник на едно светско првенство, по две европски првенства и лиги на шампионите и мноштво други титули во Англија, Германија и во Шпанија, тоа му даде кредибилитет кај неговите нови играчи кога тој му се приклучи на клубот, што беше првата функција на Алонсо како главен тренер, по работата со резервите на Реал Сосиедад. Надоврзувајќи се на сопственото играчко искуство, тој се фокусираше на тоа да ги охрабри своите играчи повторно да веруваат во себе и да преземат одговорност на теренот, пишува АП.

– Бев охрабруван да имам свои критериуми на теренот, да носам свои одлуки и тоа е нешто на што навистина инсистирам. Не се работи за тоа да бидете робот, или за тоа „секогаш морате да го правите ова, а ако не го правите ова, ќе бидете на клупата“ – рече тој.
Алонсо е роден со фудбалот, како син на Перико Алонсо, трикратен победник на шпанската лига како играч, кој му бил тренер во поголемиот дел од детството на неговиот син. Чаби Алонсо играше за многу од најголемите тренери во претходните децении, Пеп Гвардиола, Жозе Мурињо и Анчелоти меѓу нив, и се потпира на нивните примери за инспирација.
– Има одредени моменти кога размислувам: „Што се случи тој ден, во таа ситуација?“ И тие искуства ми помагаат да направам нешто или да размислувам или да имам поинаков пристап. Она што го научив од тие искуства, многу ми помогна во денешно време. Не сакам да зборувам за мојата тренерска или менаџерска улога со голем авторитет, бидејќи не чувствувам дека го имам тој авторитет. Многу е рано да зборувам со авторитет. Се трудам да ги слушам тренерите со повеќе години, кои многу ги почитувам – рече тој.
По долгогодишно учење од најдобрите тренери во светскиот фудбал, Алонсо го применува тоа знаење во пракса. Сепак, има барем уште еден тренер за кој би сакал да имал шанса да игра.
– Би сакал да ме тренираше Јирген Клоп. Она што тој го направи за клубот беше неверојатно – вели Алонсо за тренерот што неговиот стар клуб Ливерпул го врати на англиската и на европската сцена.
Со победата над Унион Берлин во неделата со 4-0, Баер е на врвот во Бундеслигата со два бода повеќе од Баерн и со 31 бод од можни 33. Единствениот друг тим досега што олку добро ја почнал сезоната во Германија е Баерн на Гвардиола во сезоната 2015/2016, со Алонсо во средниот ред. Дали формата на Баер може да ги однесе Алонсо и неговиот тим до историска титула? Тој не сака да шпекулира.
– Секако, свесни сме дека се создаваат очекувања, но не сакаме да бидеме дел од тоа. Сакаме да бидеме дел од она што можеме да го направиме и да видиме колку добро или колку можеме да заслужиме да ја заработиме таа шанса – рече тој. Н.М.