Андреј Велјаноски

Машката репрезентација на Македонија е 30-та со четири бода (осум поени по табли) меѓу 38 селекции, а женската селекција е на 27-то место со четири бода (5,5 по табли) меѓу 32 репрезентации

ШАХ – ЕКИПНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО, ПЕТТО КОЛО

Машката репрезентација на Македонија (2.401, рангирана 32. пред почетокот на турнирот) во петтото ја забележа втората победа на Европското првенство (ЕП) во шах во Будва (Црна Гора), овој пат над јуниорската селекција на Црна Гора (2.370, рангирана 34-та) со 2,5-1,5. Победата на избраниците на селекторот ИМ Атанас Кизов ја донесе младиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Андреј Велјаноски (19) на четвртата табла, а другите дуели завршија без победник. Македонија моментно е 30-та со четири бода (осум поени по табли) меѓу 38 селекции, а вчера играше со Данска (2.575, рангирана 20-та).
– Очекувана победа. Објективно требаше да биде 3-1 за нас – ни рече селекторот Кизов.
Македонската женска селекција (1.919 просечен рејтинг, рангирана 32.) загуби со 0-4 од многу посилната Англија (2.301, рангирана 13-та). По овој трет пораз, Македонките се на 27-то место со четири бода (5,5 по табли) меѓу 32 репрезентации. Македонија вчера играше со Исланд (2.074, рангиран 27.).
Кај мажите води Германија (рангирана трета) со девет бода, пред Србија (10-та) и Романија (деветта) со по осум. Кај жените прва е Франција (рангирана шеста) со девет бода, пред Азербејџан (втор), исто така, со девет бода.
ЕП 2023, петто коло: Македонија – Црна Гора (јуниори) 2,5-1,5: ИМ Никола Николовски (2.405) – ФМ Андреј Суковиќ (2.382) реми, ФМ Емил Ристески (2.379) – ФМ Милош Печурица (2.342) реми, ИМ Тони Лазов (2.377) – Пеко Ѓуровиќ (2.344) реми, ФМ Андреј Велјаноски (2.289) – ФМ Мило Побор (2.195) 1-0. Македонија – Англија 0-4: ЖФМ Моника Стојковска (2.047) – ИМ Јованка Хоуска (2.352) 0-1, Ивана Манова (1.941) – ИМ Хариет Хунт (2.315) 0-1, Катерина Петровска (1.844) – ЖВМ Катаржина Тома (2.193) 0-1, Сања Трајковска (1.844) – ФМ Акшаја Калаијалахан (2.176) 0-1. Г.И.