Сите располагаат со одреден квалитет. Имаме позитивна атмосфера во тимот, се надевам дека така ќе биде и по двата квалификациски меча. Правиме млад тим што покажа дека може да биде конкурентен, може да се носи со сите. Нѐ очекува сосема различен натпревар од претходните што ги одигравме со Италија, рече Милевски, кој го објави списокот со 25 фудбалери за претстојните мечеви со Италија, на 17 ноември, во Рим, и со Англија, три дена подоцна, во Скопје
ФУДБАЛ – СО МЕЧЕВИТЕ СО ИТАЛИЈА И СО АНГЛИЈА МАКЕДОНИЈА ГО ЗАОКРУЖУВА ЦИКЛУСОТ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2024
Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, го објави списокот со 25 фудбалери за натпреварите со Италија, на 17 ноември, во Рим и со Англија, три дена подоцна, во Скопје, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Германија.
– Нема многу промени во играчкиот кадар во однос на претходните натпревари од квалификациите. По тешката повреда, на списокот се враќа Тихомир Костадинов. Ме радува фактот што сите се здрави и подготвени и се надевам дека така и ќе остане – рече Милевски, пренесе интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Македонската фудбалска репрезентација петти пат ќе игра со селекцијата на Италија (досега по една победа и пораз и две ремија), а шести пат со Англија (претходно две нерешени средби и три пораза).
– Во овие квалификации нема лесни или тешки противници, сите располагаат со одреден квалитет. Имаме позитивна атмосфера во тимот, се надевам дека така ќе биде и по двата последни квалификациски меча. Правиме млад тим што покажа дека може да биде конкурентен, може да се носи со сите. Момците што играа на претходните натпревари го покажаа својот квалитет и потврдија зошто се повикани во репрезентацијата. Нѐ очекува сосема различен натпревар од претходните што ги одигравме со Италија. Се надевам дека ќе успееме максимално да се подготвиме за мечот со Италија. Имаме проблеми околу слабата минутажа што ја добиваат некои фудбалери во своите клубови, но верувам во моите играчи и се надевам дека ќе успееме да го извлечеме максимумот. Минутажата во клубовите е секогаш проблем за физичката и за натпреварувачката форма. Дел од носителите на играта се со минимална или никаква минутажа, а, за среќа, играчите од средината и од нападот се стандардни. Немаме некој огромен состав на играчи за да можеме да ротираме, па мора на секој меч да се дава максимумот – рече Милевски, пренесе ФФМ.
Во групата Ц со 16 бода води Англија, која веќе обезбеди пласман на ЕП 2024, а потоа следуваат Украина со 13 (од седум меча), Италија со 10 (од шест), Македонија со седум (од шест) и Малта без бодови (од седум натпревари). Во случај две или повеќе репрезентации да имаат ист број бодови прво што решава кој ќе има повисок пласман на табелата е меѓусебниот резултат.
На континенталното првенство ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја од десетте квалификациски групи. Досега пласманот го обезбедија домаќинот Германија, а по октомвриските мечеви во квалификациите и селекциите на Англија, Белгија, Франција, Португалија, Шпанија, Шкотска, Турција и на Австрија. Дополнително, три репрезентации што ќе победат во трите плејофа на Лигата на нациите ќе настапат на ЕП 2024. Н.М.
Од понеделник продажба на влезниците за мечот Македонија – Англија
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објави дека в понеделник ќе почне продажбата на билетите за натпреварот Македонија – Англија на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, на 20 ноември, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство в година во Германија. Влезниците чинат 400 и 600 денари, во зависност од местото на трибините, а продажбата ќе се одвива на билетарницата на стадионот и преку продажната мрежа на MKТикетс, објави ФФМ.
СОСТАВ
Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Игор Алексовски (Работнички)
Одбрана: Висар Муслиу (Падерборн, Германија), Тодор Тодоровски (Зте, Унгарија), Никола Серафимов (Фехервар, Унгарија), Јован Манев (Осиек, Хрватска), Езѓан Алиоски (Ал Ахли, Саудиска Арабија), Бојан Димоски (Акрон, Русија), Ахмет Иљазовски (Хвидовре, Данска), Стефан Ашковски (Раднички Ниш, Србија)
Среден ред: Енис Барди (Трабзонспор, Турција), Тихомир Костадинов (Пјаст Гливице, Полска), Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Јани Атанасов (Краковија, Полска), Агон Елези (Вараждин, Хрватска), Давид Бабунски (Мезоковешд, Унгарија), Исник Алими (Сепси, Романија)
Напад: Бојан Миовски (Абердин, Шкотска), Милан Ристовски (Спартак Трнава, Словачка), Дарко Чурлинов (Барнли, Англија), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Ердон Даци (Вестерло, Белгија), Александар Трајковски (Хајдук, Хрватска), Димитар Митровски (Вараждин, Хрватска)
Извор: ФФМ