Апсурдите на новото македонско време

Најкраткото објаснение за именката апсурд е дека зборот значи бесмислица, нелогичност, глупост, невозможност. Описни значења и толкувања има уште, како што има и повеќе синоними: необичност, бесмисленост, противречност, небулоза, нонсенс, необјаснивост, логичка неможност, дури и безумност. Послободно и поописно толкување дозволува апсурдот да значи судир со здравиот разум, нешто што е спротивно на здравиот ум, нешто што е неприлично, дури и комично. Сепак, најстарите синоними за апсурдот се: глупост и лудост.
Апсурдот како филозофска и театарска категорија, како глобален феномен, го третирале и рашириле францускиот писател Албер Ками, кого и го нарекуваат принц на апсурдот, и ирскиот драматург Самуел Бекет, кој со својата драма „Чекајќи го Годо“ се смета за татко на театарот на апсурдот. Ако во независна и самостојна Македонија се прави хроника за владеењето на апсурди, тогаш најверојатно, како парафраза на Годо, ќе го носи насловот „Чекајќи ја Европа“.
Тоа дводецениско чекање се претвори во поле од кое како плодови се изродија полни кошови апсурди.
Не само политички туку и цивилизациски апсурд е да се чувствуваш Македонец, а да не смееш да се изјаснуваш како таков дури ни во сопствената држава. А државата според народна волја да ти се вика Македонија, а официјалните власти да не ти дозволуваат да ја викаш така без да го додаваш новокомпонираниот префикс Северна. Да постоиш не те признаваат дека постоиш како народ, како историја и минато.
Да немаш индивидуално право да кажуваш тоа што си од раѓање, да се откажеш од мајчиното млеко. Да имаш свој јазик, а да велат дека немаш. Да бараат во Уставот да ставиш отровна змија во пазуви. Држава и државјани што не ти ја признаваат нацијата и сѐ друго поврзано со нејзината автохтоност да сакаат да те одродат и да те присвојат и третираат како сирак. Да ја сакаш Европа како мајка а таа да се однесува како маќеа.
Апсурдно е да не смееш да вееш знаме што било на некоја античка цивилизација, што не е на ниедна друга држава, а да мавташ со знамиња на друга држава на цела територија на својата држава. Апсурдно е да бидеш обвинуван за национализам ако ја штитиш каузата на сопствениот народ, а биваш овенчан со лаврови венци ако му носиш штета напаѓајќи го и работејќи во корист на други.
Апсурд е што ниту чуени ниту видени странски политички емисари се прават стопани на македонската куќа. Ти влегуваат дома и ти држат лекции. Ти се мешаат во секоја манџа. Тие што не живеат далеку од овде ни кажуваат како треба да живееме тука. Фигуративно, сликовито речено: Македонија личи на човек што е жив, што се движи, ама нема глава. Поточно, главата е одделена од телото, таа е на друго место, западно од истокот, а сепак се одржува, како во научнофантастичните филмови. Звучи шашаво, ама функционира на линијата Вашингтон – Брисел – Скопје.
Меѓу апсурдите може да се наведе дека Северна има устав што не е библија, ама се третира како тоалет-хартија. Уставот е како расипан телевизор: има слика, нема тон. Исто е и со законите, со правдата. Правниците се незадоволни од спроведувањето на законите и прописите, прописите се незадоволни од неспроведувањето од страна на правниците.
Логично ли е гласот на малцинството во Собранието да е посилен, помоќен и порелевантен од тој на мнозинството? И соодветно на тоа, собраниското мнозинство да не може да воспостави извршна власт без гласот и на најмалцинското малцинство? Апсурд е еден или двајца пратеници да поставуваат ултиматуми и уцени од типот или-или, а преостанатите 100 да си го гледаат својот ќеф и различен интерес и да се прават дека не гледаат. Или да нѐ убедуваат дека сето тоа е нормално. Глупав но жив апсурд е кога ненормална ситуација се продава како нормална, а ние да веруваме дека е така.
Апсурд е да се фалиш со милиони евра вложени во здравството, со врвна медицинска технологија, а државните болници да немаат конци, вати, гази што вредат ситни денари и се купуваат на Бит-пазар. Докторите да губат нерви и здравје зашто од апсурди во здравството им умираат пациенти. Да вложиш 300 милиони евра во субвенции за земјоделството, а да немаш своја пченица, да субвенционираш оранжерии, а да имаш најскапи домати и краставици.
Да купуваш нови возови за удобно патување, а да имаш прастара пруга по која се движат со брзина на полжав или машиновозачите да штрајкуваат секој месец затоа што фирмата нема пари да им ја даде и така мизерната плата. Да има патници, а цела држава да нема автобуси. Да се печатат книги, а да нема читатели. Да има глумци, а да нема домашни ТВ- серии и филмови. Има пари за крадење, нема пари за живеење. Апсурд е кога секој краде, а одговара тој што краде помалку. Социјален апсурд е да немаш за леб, а да купуваш чоколадо.
Долг е списокот на апсурди, да се замори човек од набројување и пак да не може да доброи, зашто кај и да се сврти, на микро и макроплан, во животот, на работа, во секојдневието се среќава со низа тешко објасниви појави, нескладности, нелогичности, бесмислености, со триста глупости, што се вели.
Најблизок до зборот апсурд, негов брат е зборот парадокс, термин што не е лесно да се објасни, но наједноставното објаснување е дека се работи за нешто неочекувано, нешто привидно или на прв поглед бесмислено, за нешто што е противречно и спротивно на општото мислење и сфаќање, нешто што е нелогично, но сепак можно.
Еден од најпознатите филозофски парадокси е изразот на античкиот Грк Сократ, кој гласи „јас знам дека ништо не знам“. Што е македонскиот парадокс? Тоа е што многу работи тргнаа наопаку, а решенијата што се бараат, се нудат и се спроведуваат за да се исправат грешките се уште понаопачки. И што знаеме дека ништо не знаеме, а се преправаме дека премногу знаеме.

[email protected]