Задоволен би бил ако можеме да бидеме меѓу првите 25 репрезентации, вели селекторот на шахистите, ИМ Атанас Кизов, а селекторот на женската селекција, ФМ Љубиша Андоновски, вели дека пет места повисоко од почетното рангирање би било добар резултат во оваа конкуренција
ШАХ – ПОЗНАТИ СЕ СОСТАВИТЕ ЗА ЕКИПНОТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО БУДВА
Познати се составите на машката и на женската репрезентација на Македонија, за Европското првенство (ЕП) во шах во Будва (Црна Гора), од сабота до 20 ноември. Селекторот на машката репрезентација, ИМ Атанас Кизов, и на женската, ФМ Љубиша Андоновски, ги објавија имињата на шахистите и на шахистките што ќе ги бранат црвено-жолтите бои на Македонија. И двајцата се одлучија за млади и надежни сили, кои се, всушност, и иднината на македонскиот шах. Минатиот викенд во одлична атмосфера на Попова Шапка и двете македонски селекции одржаа успешен подготвителен мини-камп.
Во машка конкуренција се пријавени 38 селекции, со вкупно 189 шахисти, од нив 133 велемајстори (ВМ), 31 интернационален мајстор (ИМ), 19 ФИДЕ-мајстори (ФМ), прворангиран е Азербејџан (просечен рејтинг 2.701 поен), а Македонија е на 33-то место (2.401). На ЕП 2023 ќе настапи и поранешниот петкратен светски првак Магнус Карлсен (2.829 рангиран прв), кој ќе ги брани боите на Норвешка (2.633, рангирана деветта). Најдобро рангиран македонски шахист е ИМ Филип Панчевски (2.441, на 158-то место). Се играат девет кола, со стандардно време на размислување, на по четири табли, со една резерва.
– Задоволен би бил ако можеме да бидеме меѓу првите 25 репрезентации. Кога ја одредував репрезентацијата се раководев од тоа кој е најподготвен да игра. Кога откажаа Кирил Георгиев, Звонко Станојоски и Трајко Недев, составот беше горе-долу познат, со оглед на тоа што знаев од порано дека Владимир Георгиев и Никола Митков не можат да играат во овој период. За понатаму ќе видиме. Подготовките беа одлични, а ме изненади колку репрезентативците имаат желба да работат. Според мене, за првите места би се бореле Азербејџан, Ерменија, Германија, а гледам и Романија има добар состав – вели селекторот Кизов, кој на оваа функција беше и во периодот од 2007 до 2010 година, кога Македонија настапи на по две шаховски олимпијади (ШО) и европски првенства (ЕП), а како шахист играл на три ШО и на две ЕП.
Кај шахистките има 160 учеснички (12 ВМ, 24 ЖВМ, 38 ИМ, 33 ЖИМ, 7 ФМ, 30 ЖФМ), прв фаворит е Грузија (2471), а Македонија (1.919) е последнорангирана, на 32-то место. Прворангирана шахистка е поранешната светска првенка, ВМ Александра Костењук (2.526) од Швајцарија, а Македонка е ЖФМ Моника Стојковска (2.047, рангирана 136-та).
– Мислам дека пет места повисоко од почетното рангирање би било добар резултат за нашата репрезентација во оваа конкуренција – вели селекторот Андоновски.
На претходното ЕП, во 2021 година во Чатеж (Словенија), македонската машка репрезентација го освои 35-то место, што беше за две места послабо од почетното рангирање меѓу 39 селекции (една победа, три ремија, четири порази со едно слободно коло) со шест бода (15 поени по табли). Од тој состав, кај мажите ново име е само ФМ Андреј Велјановски на местото на Филип Михов, како резервна табла, а кај жените нови имиња во однос на претходното ЕП се Ивана Манова и Моника Жежовска, на местата на Бојана Бејатовиќ и Драгана Николовска. Македонските шахистки (рангирани на 31-то место), пак, беа на 30-то место, што е за едно скалило подобро од почетниот рејтинг (две победи, шест порази со едно слободно коло), со освоени пет бода (12,5 поени по табли).
Македонските репрезентации ги оствариле најдобрите пласмани на ЕП 2003 во Пловдив (шахистите беа 12-ти од 37 селекции, а шахистките 20-ти од 31 репрезентација). Кај мажите пред две години победи Украина, пред Франција и Полска, а кај жените славеше Русија, пред Грузија и Азербејџан. Г.И
МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2023
ШАХИСТ РЕЈТИНГ
ИМ Филип Панчевски 2.441
ИМ Никола Николовски 2.405
ФМ Емил Ристески 2.379
ИМ Тони Лазов 2.377
ФМ Андреј Велјаноски 2.289
Селектор: ИМ Атанас Кизов
ШАХИСТКА РЕЈТИНГ
ЖФМ Моника Стојковска 2.047
Ивана Манова 1.941
Катерина Петровска 1.844
Сања Трајковска 1.844
Моника Жежовска 1.722
Селектор: ФМ Љубиша Андоновски