Фото: Принтскрин

Портпаролот на Владата на Косово, Перпарим Криезиу изјави дека Косово ниту прифатило, ниту се согласило со каква било автономија на териториите со етничко српско мнозинство на северот на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Реакцијата на Криезиу уследи откако поранешниот премиер, моментално опозициски пратеник, Авдула Хоти, ја пренесе изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за американската телевизија „Фокс њуз“, дека од Белград е побарано де факто признавање на независноста на Косово, а од Приштина доделување автономија на Србите на северот на земјата.

-Ја покажавме нашата подготвеност за максимално почитување на правата на секој член на заедниците, според стандардите на Советот на Европа – изјави Криезиу за јавната телевизија на Косово, РТК.

Поранешниот премиер Хоти, пренесувајќи ја веста што деновиве ја објави „Фокс њуз“, побара реакција од премиерот Албин Курти и претседателката на Косово, Вјоса Османи, повикувајќи ги истите доколку тоа не е вистина, веста да ја демантираат и да дадат отчет пред граѓаните за тоа што се случува во преговорите со Белград.

Владиниот портпарол, Криезиу одговори дека во моментов не е јасно дали вестите во американскиот медиум се однесуваат на директен цитат на претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен или е сопствено толкување медиумот на нејзините изјави.

– Она што сакаме да го нагласиме е дека Косово ниту прифати ниту се согласи на каква било автономија. Ја покажавме нашата подготвеност за максимално почитување на правата на секој член на заедниците, според стандардите на Советот на Европа, каде што ќе се приклучи нашата република. Но никогаш автономија, дефункционализација, фрагментација или што било друго што Уставот на републиката не го дозволува – изјави Криезиу за РТК.