Безбедносната состојба во Македонија низ диоптријата на државниот Совет за безбедност, наспроти ракурсот на светски државници и експерти за меѓународната безбедност
Заклучокот од 19-та седница на Советот за безбедност, која ја свика претседателот Стево Пендаровски на 1 ноември, е дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна. Седницата беше свикана по случувањата во Косово, Израел, како и војната во Украина, за процена на степенот на ризик за прелевање на овие безбедносно-загрозувачки состојби во евроатлантскиот регион, на внатрешните состојби во Македонија. Покрај членовите на Советот за безбедност, по покана на претседателот Пендаровски на седницата присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност и директорот на Агенцијата за разузнавање. Инаку, осумчленото тело на Советот за безбедност го сочинуваат претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски, министрите за внатрешни работи, одбрана и за надворешни работи, Оливер Спасовски, Славјанка Петровска и Бујар Османи, Ненад Марковиќ, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Трајан Гоцевски, поранешен министер за одбрана и универзитетски професор, и Ветон Љатифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Соопштението од вилата „Водно“
Во соопштението, по одржувањето на седницата на државниот Совет за безбедност, се наведува дека надлежните претставници на институциите информираа за тековните безбедносни прашања поврзани со земјата и поширокиот регион, Украина, случувањата на Блискиот Исток и состојбата на северот во Република Косово. По однос на безбедносната состојба во државата беше оценето дека таа е стабилна и дека нема индиции што укажуваат на можно нејзино загрозување. Како членка на НАТО, Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците по однос на активности што се преземаат за зајакнување на безбедноста во евроатлантскиот простор, се дополнува во соопштението од вилата „Водно“. На седницата на Советот за безбедност беше констатирана потребата надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија во согласност со развојот на настаните, со цел навремено преземање мерки и активности од нивна надлежност.
Предупредувања од светски авторитети за опасност од војна
Новата ескалација на блискоисточниот судир во Израел, како речиси 20-месечниот воен конфликт на територијата на Украина, го предизвика германскиот министер за одбрана Борис Писториус да предупреди дека „мораме да се навикнеме на помислата дека во Европа би можела да постои опасност од војна“ и дека „Европа мора да биде во состојба да се одбрани“. Тој оценува дека судирите на Блискиот Исток и војната на Русија во Украина ќе имаат последици во германското општество.
Подготовката за одбрана на Германија не е само декларативна туку, како што истакнува Писториус, формиран е специјален фонд од 100 милијарди евра за Бундесверот (Министерството за одбрана), а се прават и структурни промени.
И во други земји на ЕУ се подигнува нивото на алармирање од засилени безбедносни закани (во вид на тероризам поврзан со миграциите, т.е. мигрантите) предизвикани од воените ескалации на истокот на Европа, Блискиот Исток, но и во Африка.
Пред неколку дена поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша упатил јавен повик до граѓаните на Словенија да се вооружат.
Образложувајќи го својот радикален став, Јанша објаснува дека „светот се промени во последната декада“ и дека „во евроатлантското подрачје главно е полошо“. Според него, западната цивилизација е поткопана однатре, во своите вредносни темели.
– Притисокот од масовните илегални миграции радикално го разорува постојниот начин на живот во ЕУ и ги зајакнува милитантните јадра во европските метрополи. Некогаш безбедните и успешни градови бележат невиден раст на криминалот – повикува мошне радикално Јанша на вооружување во Словенија, нагласувајќи дека „со голема веројатност може да се очекува заострување на безбедносната ситуација, па затоа секој има право и должност да стори сѐ во рамките на уставниот поредок за заштита на своето семејство и на татковината“.
Што се однесува на Велика Британија, сега надвор од ЕУ, силната британска разузнавачка агенција МИ5, задолжена за внатрешна безбедност на Обединетото Кралство, смета дека властите треба да бидат подготвени за тешки безбедносни турбуленции, особено на почвата на британскиот остров. Според МИ5, токму сега „заканата од тероризам во овој миг е значителна“, што значи дека во голема мера е можен терористички напад, односно според МИ5 нападот „би можел да се случи наскоро“. Според британските разузнавачи, постојат повеќе нивоа на закана: сериозна закана значи дека нападот е мошне извесен, додека критична закана значи дека нападот е многу веројатен во блиска иднина.
Безбедносната процена на ризикот во Македонија е – на средно ниво
Процените на безбедносните експерти од Западен Балкан е дека земјите од овој регион можеби не се директна цел на терористички напади, поврзани и предизвикани од настаните на активните воени жаришта на истокот на Европа и Блискиот Исток, но многу е реална опасноста од каскадни прелевања и последици.
Во најновите оцени искажани за медиумите од националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолски, процената на ризикот од можни терористички закани за земјата и Западен Балкан зависи во голема мера од тоа како ќе се развива војната на израелската војска против палестинската Хамас. Според моменталната безбедносната процена за ризик во земјата, тој е на средно ниво, што значи дека е покачено нивото на активности на безбедносните служби, по нападите на палестинската милитантна група Хамас врз Израел на 7 октомври. Апостолоски објаснува дека само неколку месеци пред нападот на Хамас врз Израел, македонската безбедносна процена за ризик од терористички закани била на ниско ниво. Апостолски објаснува дека еден од факторите во безбедносната процена на ризик е како ќе се одвива конфликтот, дали ќе трае подолго, како и тоа дали ќе ескалира на регионално нив во Блискиот Исток, имајќи ги предвид засега јавно декларираната поддршка на Иран и спорадичните напади од милитантната либанска група Хезболах.
Она што претставува најреален безбедносен ризик за Македонија и регионот е можноста за „одмрзнување“ на ќелиите на исламистички борци од регионот, кои учествувале во други војни на Блискиот Исток, а некои од нив се вратени во регионот. Некои од нив се на издржување затворски казни, но за многу од нив нема евиденција за нивниот моментален престој и активности.
Националниот координатор Апостолоски посочува дека можноста за постоење центри за ширење џихадистичка идеологија во земјава е реална.
– Токму од тој аспект ги градиме превентивните механизми на локално ниво, да ги препознаеме лидерите што агитираат за одредена страна и кои повторно може да ги доведат до заблуда нашите граѓани и да ги однесат на некакви боишта каде што би војувале за туѓи интереси и цели. Истото претходно се случи со Сирија и Ирак – објаснува Златко Апостолоски.
Според последните безбедносни процени од земјава, во изминативе години заминале над 140 луѓе за да се борат за Исламската држава, од кои 85 се вратени во земјава. Петмина македонски граѓани, според последните безбедносни информации, се наоѓаат во Сирија. Дел од повратниците од ИСИС што се осудени во земјава се распоредени во петте затвори, каде што се работи на нивна ресоцијализација. Инаку, отпорноста од радикализација на граѓаните е целта на двете донесени национални стратегии (2023-2027 година) за спречување насилен екстремизам и за борба против тероризам, за кои е неопходна силна соработка со локалните власти преку советите за превенција.