Македонија – оаза на мирот

Безбедносната состојба во земјава е стабилна и нема индиции што укажуваат на можно нејзино загрозување. Тоа е заклучок од редовната, 19-та седница на Советот за безбедност, на која се разговарало за безбедносната состојба во земјава и во евроатлантскиот регион. Надлежните претставници на институциите, како што се наведува во соопштението на Кабинетот на претседателот, информирале за тековните безбедносни прашања поврзани со земјата и поширокиот регион. Значи, остануваме спокојни, можеме да продолжиме со секојдневните активности – како и досега, што би рекол еден актуелен политичар, цитиран од уште еден негов коалициски партнер.
Или, како што би рекле војниците, состојбата е редовна.
Наспроти силните бури во поблиската и подалечната околина, Македонија сепак, според надлежните државни институции, останува во заветрина и, барем засега, нема потреба од некакво посериозно вознемирување на населението. Се чини дека зборовите на поранешниот претседател Киро Глигоров дека Македонија претставува оаза на мирот повторно се актуализираа. Само, повторно и „да не се подречеме“, како што се случи десет години по осамостојувањето, од оаза на мирот во оаза на воен судир…
Иако, вреди да се потсетиме дека крајот на минатиот век ќе го запаметиме по крвавата разврска на југословенската приказна, кога виорот на војната ги зафати сите југословенски републики, освен Македонија, која остана поштедена.
Малку подоцна, набрзо по осамостојувањето на Македонија, кога се промовираше силна пропагандна кампања дека главната закана на земјава ѝ доаѓа од запад, на сцена стапија милитантно-реакционерни сили што си го покажаа вистинското лице. Се покажа на дело дека опасноста не доаѓа од запад, туку малку полево, од северозапад и север, а во таквата намера поддршка дојде од внатре, што доведе до голем број жртви. Тоа беше најсериозната закана за уништување на идиличната слика за оазата на мирот.
Сето тоа се заокружи со рамковниот договор, кој требаше да значи затворање на едно поглавје од историјата, задоволување на сите барања на некогашните терористи, како што ги нарече лордот Џорџ Робертсон во пораката дека станува збор за агресија – која нашите власти не ја протолкуваа како што треба и не постапија во согласност со кажаното, но тоа е веќе друга приказна.

Се сеќаваме дека по Робертсон следуваа некои други изјави на други меѓународни емисари. Ричард Холбрук дури ги собуваше и чевлите кога одеше на преговори со луѓето, кои одеднаш, прекуноќ, станаа мирољубиви политичари, а лошите момци беа препознавани на македонска страна, па некои дури завршија во Хаг, а други од страв потпишуваа сѐ што им се подметна за потпишување само да не ја почувствуваат холандската клима низ решетките во Шевенинген.
Но, таква ни била судбината. И кога се мислеше дека со рамковниот ќе се средат состојбите и дека листата на нови барања е заокружена, се покажа уште една наша заблуда. Следуваа повремени инциденти, некои од нив нерасветлени, некои само патем спомнувани, а во Диво Насеље во Куманово паднаа и жртви. Следуваа нови барања, нивно исполнување, но ни тоа не беше доволно. Дојдовме дотаму што новите барања сега, според многумина експерти и добри познавачи на материјата, во целост го поништуваат рамковниот договор. Човек да се запраша, па, добро, зошто беше тогаш потребна целата таа ситуација што доведе до негово потпишување. Зошто паднаа толку многу жртви, кога денес веќе сето тоа е непотребно и надминато, кога апетитите одат далеку над потпишаното, заверено со добар дел од странските авторитети што чевли искинаа за да нѐ убедат дека е тоа најдоброто решение за нас.
Еве, на пример, деновиве слушаме не само дека ниеден припадник на албанската популација немало да ја интонира македонската химна туку сѐ позачестени се барањата истовремено да се интонирала и албанската химна. Се разбира, тоа го тврдат политичарите во загревање на атмосферата пред навестените избори.
Но, интересно е да се види имаат ли научно толкување некои од професорите на правните факултети низ земјава, кои се намножија во кабинетите на државните функционери како печурки по дожд, па сега некои до нашиве вредни функционери дури и не знаат кој и каков факултет завршиле, поточно каков факултет пријавиле во своето резиме при вработувањето.
Но, ете, и покрај сето тоа, успеваме некако да ја следиме состојбата и фала му на бога што не дозволува внатрешните состојби да излезат од колосекот на нормалноста, без разлика на перцепцијата на јавноста кон нив. Надворешните искушенија и воени барабани во поблиското и подалечното опкружување засега се на безбедна оддалеченост? Или пак не?!

За крај, да се вратиме на почетокот. Добро е што државниот безбедносен врв испрати едно такво смирувачко соопштение, дека безбедносната состојба е добра. Во крајна линија, сега сме членка на НАТО, па нивните процени не се базираат само на сопственото гледање на работите, туку тука се исползувани и информациите добиени од „редовната координација со Алијансата и сојузниците по однос на активностите што се преземаат за зајакнување на безбедноста во евроатлантскиот простор“, како што се наведува во соопштението. И вистина за крај, една сериозна порака: За својот двор најдобро се грижи сопственикот, а за туѓите дворови има кој да му ја мисли. Да бидеме на штрек, развивајќи ефикасни механизми за зачувување на мирот, стабилноста, сувереноста, територијалниот интегритет, а да се фокусираме на одржлив стопански развој! Како знаеме и умееме!