Реално гледано според конкуренцијата, Вардар годинава има шанси да стигне до полуфиналето, а понатаму зависи од резултатите на другите клубови. Конкуренцијата е мошне силна, има дури шест екипи од Хрватска, од кои пет се мошне квалитетни, вели Андреј Ѓорѓиевски, кој ќе биде еден од судиите на турнирот

ВАТЕРПОЛО – ДЕНЕСКА И УТРЕ ВО СКОПЈЕ

По повод празникот 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, во базенот „Карпош“ при СЦ „Борис Траковски“, ќе се одржи третиот по ред меѓународен мастерс-турнир во ватерполо за ветерани (над 30 години) „13 Ноември“, во организација на ВК Вардар ветерани.
На турнирот ќе настапат 13 тима, со играчи од 12 земји, Македонија, Хрватска, Црна Гора, БиХ, Грција, Турција, Словачка, Унгарија, Велика Британија, Јапонија, Германија и од Бугарија.
– Овие турнири се од рекреативен карактер, но со натпреварувачки дух, кои во претходните 10 години се мошне популарни во светот, а оние што се во организација на светската и европската ватерполо-федерација се одржуваат по завршувањето на секое светско и европско сениорско првенство. Клубот Вардар ветерани годинава учествуваше на повеќе вакви турнири, последен пат беше во Истанбул, пред две недели, а претходно во Шабац, Сплит, Макарска, Бјела, Херцег Нови, Прага, Будва – вели Андреј Ѓорѓиевски, кој ќе биде еден од македонските меѓународни судии што ќе ја делат правдата, покрај Ристо Дамчевски и Небојша Стајковиќ, потоа Хрватите Крешо Милиновиќ, Иван Рашиќ и Томислав Стапиќ, како и Германецот Јулијан Доренберг.
Екипите ќе бидат поделени во четири групи (три со по три тима, една со четири). Екипата на Ол стара ќе биде составена од играчи од Србија, Унгарија, Грција и од Јапонија, односно од клубови што не играат на турнирот.
– Реално гледано, Вардар годинава има шанси да стигне до полуфиналето, а понатаму зависи од резултатите на другите клубови. Конкуренцијата е мошне силна, има дури шест екипи од Хрватска, од кои пет се мошне квалитетни.

Претходните две години, во 2021 и во 2022 година, на турнирот во Скопје триумфира хрватскиот клуб Јадран, кој годинава нема да настапи. Радува фактот што порано настапуваа од четири до шест клуба, но тој број годинава е многу поголем, а за истакнување е што англискиот клуб Енфилд четврти пат доаѓа во Скопје. Исто така, очекувам и многу публика, особено младите да го проследат турнирот – рече Ѓорѓиевски.
Натпреварите по групи ќе се играат со времетраење од двапати по осум минути без запирање на времето, дуелите за пласман (за 11-то, деветто, седмо и петто место) ќе се играат двапати по шест минути, без запирање на времето, а мечевите за третото и за првото место, двапати по осум минути со запирање на времето.
На турнирот ќе бидат прогласени најдобрите три екипи, кои ќе добијат пехари, потоа и најдобар голман, играч и најискусен ватерполист.
Ветеранскиот турнир во Скопје веќе прерасна во традиција, а целта е афирмација на ватерполото кај младата популација, како и дружба и нови пријателства помеѓу љубителите на овој спорт од целиот регион и пошироко. Базенот ќе биде отворен за посетителите што ќе сакаат да ги проследат натпреварите, а влезот е бесплатен, информираат од клубот. Г.И.


ДВОЈКИ

Денеска
Магла – Вучко 10 ч.
Саморин – Раб 10.25 ч.
Вал – Бурса 10.50 ч.
Стари ас – Ол стар 11.15 ч.
Бјела – Магла 11.40 ч.
Вардар -Саморин 12.05 ч.
Галеб – Вал 12.30 ч.
Стари ас – Риека 12.55 ч.
Свечено отворање 13.20 ч.
Вардар – Раб 14.05 ч.
Ол старс – Енфилд 14.30 ч.
Вучко – Бјела 14.55 ч.
Галеб – Бурса 15.20 ч.
Стари ас – Енфилд 15.45 ч.
Риека – Ол старс 16.05 ч.
Утре
Четврт-финале
А1 – Ц2 10.25 ч.
Б1 – Д2 10.50 ч.
Ц1 – А2 11.15 ч.
Д1 – Б2 11.40 ч.
Полуфинале
А1/Ц2 – Б1/Д1 13.45 ч.
Ц1/А2 – Д1/Б2 14.10 ч.
Дуели за медали
Меч за трето место 16.15 ч.
Меч за прво место 16.40 ч.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ

А: Бијела (Црна Гора), Магла (Хрватска), Вучко (БиХ)
Б: Вардар (Македонија), Саморин (Словачка), Раб (Хрватска)
Ц: Галеб (Хрватска), Вал (Хрватска), Бурса (Турција)
Д: Стари ас (Хрватска), Ол старс, Енфилд (Англија), Риека (Хрватска)