Србија е главен фаворит во нашата група, а по неа Украина, па Португалија, но нема да излеземе со бело знаме, напротив, ќе го дадеме максимумот и зошто да не изненадиме некого на домашен терен, вели македонскиот селектор во пресрет на квалификациите, во кои црвено-жолтите прво ќе гостуваат кај Португалија в четврток, а потоа, три дена подоцна, ќе играат дома со Србија

КОШАРКА – ПОЧНУВААТ КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025

Селекторот на женската репрезентација на Македонија, Александар Ашаданов, го објави поширокиот список со кошаркарки за квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година, во кои Македонија идната недела ќе се сретне со Португалија на гости и со Србија дома. Првиот собир е закажан за в понеделник, до тогаш би требало да се приклучат и сите интернационалки, а тренинзите ќе се одвиваат во СРЦ „Кале“.
Потоа репрезентацијата ќе замине за Португалија каде што в четврток треба да го одигра првиот квалификациски меч во групата Г, во која е уште и Украина. Мечот со една од најквалитетните репрезентации во светот, Србија, ќе се одигра на 12 ноември, во салата на СРЦ „Кале“.
– Сите три репрезентации со кои ќе играме се многу посилни од нас. Би сакал Португалија на гости да ја победиме, нешто што лично и го очекувам. Собирот е краток, ќе одржиме само три-четири тренинзи. Украина и Србија, на пример, веќе играа на СП и на ЕП, преку летото се собираат и тренираат и повеќе од еден месец, што е од големо значење. Србија е главен фаворит во нашата група, а по неа Украина, па Португалија, но нема да излеземе со бело знаме, напротив, ќе го дадеме максимумот и зошто да не изненадиме некого на домашен терен. Ние и во минатите циклуси квалификации бевме аутсајдери, па ја изненадивме БиХ, што по 10 години беше втора историска победа на македонската женска кошарка. Реално, никогаш не водам некој натпревар, а да знам дека предвреме ќе го загубам, без разлика дали е тоа Србија или Белгија. Секогаш моја прва мисија е да се победи. Затоа сите ќе се бориме, да покажеме најдобро што знаеме и искрено се надевам дека ќе имаме не само една туку плус некоја победа – вели Ашаданов.
Вториот циклус квалификациски мечеви е во ноември 2024 година, а третиот во февруари 2025 година, кога ќе бидат познати сите учеснички на ЕП 2025. Победниците на осумте квалификациски групи, заедно со најдобрите четири второпласирани селекции, ќе се пласираат на ЕП 2025. Првпат откако е воведен овој формат со четири држави што се домаќини, ќе биде формирана уште една група, групата И, во која ќе настапат организаторите на ЕП 2025, Чешка, Германија, Грција и Италија, но без натпреварувачки карактер. Г.И.


СОСТАВ

КОШАРКАРКА КЛУБ
Анџелика Митрашиновиќ Пјештанске Чајки (Словачка)
Тијана Митрева Акронос Монкалиери (Италија)
Матеа Николиќ Пасалаква Рагуса (Италија)
Ивона Кожобашиовска Виртус Каљари (Италија)
Александра Стојановска Кортегада (Шпанија)
Нена Трајчевска Архил (Шпанија)
Мерит Хемпе Валенсија (Шпанија)
Милица Николиќ Врбас (Србија)
Ивана Кметовска Баскет Кам 2011
Катерина Поп-Димитрова Баскет Кам 2011
Елена Тасевска Баскет Кам 2011
Сања Адамовска Баскет Кам 2011
Илина Селцова Вардар
Ања Начевска Вардар
Марија Димитријевиќ Вардар
Клементина Модева Струга 2009
Михаела Алексовска Крива Паланка