Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ги повика политичките партии навреме да се договорат за терминот за одржување на претседателските и парламентарните избори следната година се со цел почитување на законските и уставните рокови.
-До Нова година треба да имаме консензус по однос на претседателските избори, парламентарните избори се друга приказна и важат други процедури и други рокови и има време до февруари, март – истакна Џафери на денешниот брифинг со новинарите.
Ако партиите немаат согласност и калкулираат, вели тој, јас тоа нема да го оставам така, нема да дозволам да се излезе надвор од она што е пропишано.
-Должен сум тоа да го направам и да обезбедам дополнително време за да не останеме без претседател – посочи Џафери.
Тој сподели три можни датуми за прв и за втор круг од изборите.
Претседателските избори се одржуваат во последните 60 дена на тековниот мандат. Шеесте последни дена се во рамки на датумите 14 март и 12 мај 2024 година
Изборите се одржуваат во два изборни круга: за прв круг најрано 14 март 2024 година, а за втор круг најдоцна 8 мај 2024 година.
Изборите ги распишува претседателот на Собранието. Од денот на распишување на изборите до денот на гласање рокот е: не помалку од 70 дена и не повеќе од 90 дена.
– Прв круг: ако бидат на 14 март, тогаш распишување на изборите треба да биде на 4 јануари 2024 година (минимум 70 дена)
– Втор круг: ако бидат покасно на 8 мај (тогаш во овој случај, Прв круг треба да бидат на 24 април), распишување на избори ќе треба да биде на 27 февруари, што обезбедува најмалку 70 дена до избори.
Можни датуми за претседателски избори
-Прв круг: на 14 март, 28 март, 11 април и 25 април.
-Втор круг: 28 март, 11 април, 25 април и 9 мај (критичен датум бидејќи инагурација ќе треба да биде на 12 мај).
За парламентарни избори на 4 август завршува мандатот на пратениците. Изборите се одржуваат во 90 дена од тековниот мандат (член 63 став 3 од Устав), или во рок од 60 дена од распуштање на Собранието.
Редовни термини во редовен рок
5 мај – 15 јули, за да се овозможи конституирање во рамките на уставниот рок (член 63/1), најдоцна денот 20/21 од денот на гласање.
Ако парламентарните избори се организираат да се одржат пред 5 мај, тогаш тие избори се предвремени во тој случај важат други членови.