Фото: Илустрација/ Пиксабеј

На отворениот турнир на островот Ман играат 106 ВМ (22 со рејтинг над 2.700 поени), а на женскиот 50, од кои 15 ВМ. Првопласираните двајца ќе се квалификуваат на турнирите на кандидатите, каде што од претходно се пласираа деветмина

ШАХ

Големиот турнир по швајцарски систем (11 кола) почна вчера на британскиот остров Ман, како дел од квалификациите за светски првак. Првопласираните двајца на отворениот (114 учесници) и на женскиот турнир (50 шахистки) ќе се квалификуваат на Турнирот на кандидатите во Торонто (Канада) в година, за предизвикувачи на светските прваци, Динг Лирен и Ју Венјун, двајцата од Кина.
На отворениот турнир ќе играат 106 велемајстори (ВМ), од кои 22 се со рејтинг над 2.700 поени, а ги предводи трикратниот шампион на САД и втор играч во светот по рејтинг Фабијано Каруана. Се очекува за врвот да се борат и Хикару Накамура, Алиреза Фирузја, Аниш Гири, Домарају Гукеш, Ричард Рапорт, Левон Аронијан, Рамешбабу Прагнананда… Четири од осумте шахисти за Турнирот на кандидатите се веќе познати, Русинот Јан Непомнијашчи (како актуелен светски вицепрвак), Индиецот Прагнананда (второпласиран на Светскиот куп годинава), Каруана (трет на СК 2023) и Азербејџанецот Нијат Абасов (четврти на СК 2023). Едно место е обезбедено за победникот на ФИДЕ-кругот за 2023 (најмногу освоени рејтинг-поени во годината), како и за најдобриот шахист на рејтинг-листата во јануари 2024 година.
На женскиот турнир, 15 шахистки се со титулата ВМ, а ги предводат Русинките Александра Горјачкина и Швајцарката Александра Костењук. Пет шахистки веќе се квалификуваа на женскиот Турнир на кандидатките, Кинезинката Леи Тинџие, Русинките Горјчкина и Катерина Лагно, Бугарката Нурѓул Салимова и Украинката Ана Музичук. Учесниците што веќе обезбедиле место на Турнирот на кандидатите, доколку на актуелниот турнир бидат на првите две места им го отстапуваат своето место на следните учесници според пласманот. Г.И.