Продолжува јавното „лицитирање“ на власта и опозицијата околу одржувањето на претстојните претседателски и парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ излезе со конкретен предлог, да се одржат идната пролет, помеѓу двата најголеми верски празника, а СДСМ останува на ставот изборите да бидат наредната година во редовниот термин, прво претседателските, а потоа и парламентарните.
И додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера го повика премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски „да земе бел лист хартија и да напише кој било датум сака за одржување на парламентарните и претседателските избори на еден трошок“, портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски го повтори партискиот став дека се подготвени да разговараат за датумите за изборите, на ниво на работни групи.
– Срамота е што преку медиуми се договараме и лиферуваме датуми за редовни избори. Мора да се договори датум за редовни избори. Народот треба масовно, во огромен број да им ја прати пораката дека нема играње со него. Народот е посилен од секоја тесна клика и елита која си игра со судбината и ја одзема иднината. Доаѓаат промени – истакна Мицкоски на настанот по повод 23 Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба и јубилејот 130 години ВМРО.
Како што оцени Мицкоски, „оваа Влада, преку одбегнување да се договори датум за избори, оди кон свесно предизвикување уставна и политичка криза“.
– Нашиот став е принципиелен и непроменет. Изборите ќе бидат наредната година во редовниот термин прво претседателски, а потоа и парламентарни. За точниот датум за одржување на овие избори прво за претседателските, а потоа и за парламентарните сме подготвени да разговараме на ниво на работни групи. Очекувам за брзо тие да се формираат и да почнат со работа – рече Каевски на прес-конференција.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на 9 октомври за МИА изјави дека би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и парламентарни избори само доколку претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа. Предупреди дека ако има разговори, тие би требало да завршат најдоцна до крајот на годинава. Се потоа, како што рече, ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон и Устав за редовните избори.