Фото: принтскрин/Твитер/И24Њуз

Началникот на Генералштабот на израелската армија, Херзи Халеви, изјави дека израелските копнени сили се „многу добро подготвени“ за најавената копнена офанзива на северот на Појасот Газа.

– Сакаме да го сведеме Хамас до степен на исчезнување. Нивните водачи, нивното воено крило. Затоа напаѓаме со сета наша сила. Ги убиваме нивните високи команданти, оперативци, ја уништуваме нивната инфраструктура и сето тоа го правиме со голема одлучност – изјави Халеви, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Генералот додаде дека маневарот за офанзива на југ е добро подготвен.

Зборувајќи за очигледното одложување на копнената офанзива, Халеви кажа дека постојат „тактички, оперативни и стратешки размислувања“ кои и даваат повеќе време на израелската војска.

– Нашите сили ќе имаат повеќе време за подобро да се подготват и тоа е тоа што сега го правиме – рече Халеви.

Израел нема да ја одложи копнената офанзива во Појасот Газа поради заложниците кои таму ги држи исламистичкото движење „Хамас“, кое ја контролира палестинската територија, изјави израелскиот министер за енергетика Израел Кац, цитиран од британските медиуми.

Кац, кој е претставник на десничарската партија Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху, во интервју објавено денеска за весникот „Билд“ вети дека израелската Влада ќе стори се за да ги врати заробените дома.

– Тоа, меѓутоа, не може да им попречи на нашите активности, вклучувајќи и на копното, доколку решиме да ги преземеме – јасно порача израелскиот министер.

„Од Хамас сакаат да направиме договор за заложниците и израелската армија да не влегува во Појасот Газа за да не биде уништена нивната инфраструктура. Тоа нема да се случи, нагласи министерор Кац за германскиот таблоид.

Хамас вчера ослободи две постари Израелки од хуманитарни причини со посредство на Египет и Катар.

Израелската војска утрово соопшти дека повторно бомбардирала стотици цели во Појасот Газа, при што загинале неколку команданти на исламистичкиот Хамас.

– Во текот на последниот ден, ИДФ погоди над 400 терористички цели и уби неколку команданти на Хамас и бројни оперативци кои подготвуваа напади – соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ) на социјалните мрежи.

– Во широка операција за разбивање на терористичките способности на Хамас, ИДФ погоди десетици вооружени лица на Хамас кои се подготвуваа да истрелаат ракети и да извршат терористички напади врз израелскиот домашен фронт, соопшти војската, додавајќи дека борбените авиони на ИДФ „погодиле десетици локации на терористичката инфраструктура и терените на Хамас“ во пет населби.

Авион на ИДФ, исто така, „погодил отвор на оперативен тунел на Хамас што им овозможувал на терористичките оперативци брз пристап до крајбрежјето“ и „командните центри што ги користат оперативците на Хамас и местата каде што се планираат активности лоцирани во џамии што ги користи Хамас“.

Војската соопшти дека во нападите ги убила и замениците команданти на три баталјони.

Вооружени милитанти на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили во пограничната област, и киднапирајќи повеќе од 200 други, според израелската армија.

Израел одговори на терористичкиот напад со силно бомбардирање на Појасот Газа во кое досега загинаа над 5.000 луѓе, според Министерството за здравство на Хамас. Овие бројки не можат да се потврдат независно.

На границите на крајбрежниот појас, каде живеат повеќе од два милиона луѓе, израелската армија се подготвува за евентуална копнена офанзива.