Фото: Принтскрин/Јутуб - АФП

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска допатува во Тел Авив, јавија светските медиуми.

Тој во Израел ќе се сретне со премиерот Бенјамин Нетанјаху, израелскиот претседател Исак Херцог и со опозициските лидери од политичкиот центар Бени Ганц и Јаир Лапид.

Францускиот претседател се очекува да повика на „заштита на цивилите“ во Газа, додека Израел продолжува да бомбардира цели на Хамас во палестинската енклава и се подготвува за копнена офанзива чија цел е уништување на милитантната група која владее во областа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно објави дека францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте неделава ќе го посетат Израел.

Кина повика на мировни преговори во конфликтот меѓу Израел и исламистичката палестинска организација Хамас, јави ДПА.

Ситуацијата мора да се спречи дополнително да ескалира и да доведе до уште поголема хуманитарна катастрофа, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со неговиот израелски колега Ели Коен, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на Пекинг.

Ванг рече дека Кина е загрижена поради тековната ескалација на конфликтот и тажна поради големиот број цивилни жртви. Сите земји имаат право на самоодбрана, но мора да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да ја заштитат безбедноста на цивилното население, рече кинескиот министер.

Русија отсекогаш ја истакнувала својата посветеност за обезбедување на сигурност на Израел, на земјата и треба мир, но и на Палестинците им е потребен мир, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

– Во своите меѓународни говори за Блискиот Исток, претседателот Владимир Путин секогаш ја истакнуваше нашата посебна посветеност за обезбедување сигурност на Израел. Ги гледаме геополитичките услови во кои се развива оваа земја. Ние разбираме дека ѝ треба мир. Но и на нејзините соседи им треба мир. Ова се однесува на Сирија, Либан и Палестинците – рече Лавров по вчерашниот состанок во формат „3+3“ за Јужен Кавказ во Техеран.

Тој додаде дека Русија е подготвена да помогне во решавањето на палестинско-израелскиот конфликт и оти Москва има нормални односи со сите страни во конфликтот. Од друга страна, како што рече, САД се меѓу лидерите на земјите кои се мешаат во палестинско-израелскиот конфликт.

– Во однос на прогнозата на (државен секретар на САД) Ентони Блинкен во врска со интервенција на трети сили во конфликтот, Америка веќе е меѓу лидерите на оние кои веќе интервенираат. Тоа вклучува испраќање на две групи носачи на авиони во зоната на конфликтот, неколку илјади борбени војници, како што јас разбирам, со сето потребно оружје, вклучително и тешко оружје. Колку повеќе такви проактивни чекори презема една држава, толку е поголем ризикот, толку е поголема опасноста конфликтот да ескалира – истакна Лавров.