Подвижни слики
Дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, премиерно беше прикажана на 5 октомври во Скопје. По премиерната проекција на филмот „М“ на Вардан Тозија, публиката ќе може да го погледне во киносалите во Скопје и во другите градови низ Македонија.
– Можеби беше малку потешко во подготовките, но таа тежина исчезна со почетокот на снимањето. Покрај посветеноста со која се впуштија во овој предизвик, Матеј и Александар на снимањето донесоа една ведрина и искреност што се одразија на целата екипа. Тие се вистинските херои на овој филм. Матеј, како главен протагонист, на свои неполни осум години, учествуваше безмалку во сите сцени на филмот. Во тие бескрајни снимачки часови покажа разбирање, одговорност и емпатија што далеку ја надминаа неговата возраст – вели Тозија.
Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, а филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Луксембург.
Актерската екипа која ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.
Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес, во соработка со францускиот копродуцент „Лес контес модернс“.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косово филм-центар, SACEM (Франција), ТВ Телма (Македонија) и други.
М.Т.