Секогаш се наоѓа некој да ја фрли политиката на астал. Доаѓа и мој ред да кажам мислење. Веднаш се фаќам за суштината, специјалната војна на Западот против Македонија за идентитетски холокауст преку насилна промена на името и октроирање власт што ќе го спроведе тоа, сите лаги, манипулации, гадости, хистерија, лажни презентации на прислушувани разговори, злоупотреба на туѓи трагедии, шарени револуции и други елементи што ги има во лекциите за хибридно војување и се префрлам на фактите од терен дека обичниот Македонец сето тоа го премолче со наведната глава плашејќи се, како што вели еден мој пријател, да ни си ја загуби бедата, па заклучувам дека тоа така вообичаено бидува, мора да се фатиме за коренот на проблемот (името) за да ни биде јасно, колку тоа да звучи налудничаво, дека таму треба да се бара причината зошто денес повеќето луѓе со паника тргнуваат во продавница да купат нешто за јадење.
И одеднаш соговорниците околу мене ставаат исплакнати гримаси кои велат „извини, појма немам, јас само што се вратив од Марс“, па започнуваат со оние депресивно досадни реплики од типот, види, брат, мене всушност политика не ме интересира, знаеш, а бе сите си исти, тоа повисоките од надвор како ќе речат, што има па ние… и така натаму кон бесмисленоста и назад. Ги оставам да се облечат во сите модерни демагогии и оправдувања, за веднаш да поентирам со, ќути, барем мирно е, види што се случува во Израел и Палестина. Наеднаш, спроти мене веќе не седат луѓе што не ги интересира политика, оти сите да ти биле исти, затоа што повисоките од надвор така сакаат, туку истовремено, сите стануваат Кисинџер лично и знаат сè за израелско-палестинските односи, нивната поврзаност со руско-украинската војна, кинеското продавање американски обврзници и како сето тоа влијае на климатските промени на Северниот Пол, кои се причина за саботирање на Северен тек, токму во сабота, кога е шабат и… и јас го напуштам асталот, оставајќи ги „кисинџерите“ да ги оправаат светот и политичко воените превирања во него, задоволен што сум го дијагностицирал проблемот, ама со горчина, поради фактот дека тоа е проблем на мојата урнисана Македонија, која остана без својот темел, идентитетот и суштината на битисувањето што произлегува од него.
Во меѓувреме, се изнаслушав, изначитав анализи, теории и заклучоци за Газа, Западниот Брег, Израел, Палестина, Иран и Либија, Цахал, Хамас и Хезболах, ЦИА, Путин и кинескиот змеј, па кој стоел зад оваа нова касапница, чиј е планот, а кој ќе профитира, дали Хамас одработува за Мосад или ова е затоа што се прелеала чашата кај Палестинците, дали зад ова стои Русија или е масло на САД или можеби е смислено од Иран за да се фрли на колена Израел, ама и она другото дека големи се шансите ова да е план на израелската армија и така натаму до онаа славна реплика дека само безумноста е лимит за оваа наша цивилизација. На сето ова разногласие, само во едно сите се согласуваат. Никој повеќе не зборува за Украина.
Нема да навлегувам во дискусија дали има вистина во оваа морбидна логика дека ова е спроведено сценарио за да се заборави војната на НАТО против Русија во Украина, иако има сериозни индиции за такво нешто, ако се земе предвид поразот на Алијансата како предводник и логистика на украинската офанзива, безумната касапница во која Запад ги фрли Украинците, економските санкции против Москва кои од глава им се удрија на оние што ги спроведоа, разнишаниот имиџ, ама и стабилност на американско-британската империја и, секако, онаа смешна ЕУ, која уште се вози на хармсовската гротеска за руските чипови од миксери и микробранови, ама бидејќи сепак влегов во дискусијата спомената на почетокот од реченицава, само ќе заклучам, ако навистина е така, ако ова е причината за новите масакри на Блискиот Исток, е па тогаш, драги мои, редно е да ѝ кажеме фајронт на оваа цивилизација и сите да фатиме бестрага.
Ниту сакам да исправам „криви Дрини и Јордани“ за Блискиот Исток, а уште помалку, скраја да е, за некого да навивам. Мене генерално ми се гади од оправдувања за колежи, сеедно дали станува збор за масакрите на Хамас или геноцидниот одговор на Цахал. Како што пишав во минатата колумна, оној момент, јас копиљ во земја наречена Југославија, ме праќаат на спиење по цртаниот филм и додека полека се спремам, ги слушам оние досадни вести за престрелките во некојси Нагорно Карабах, за кој потоа си мислиш дека е џин од чудна приказна, е па истото, тогаш, на тие досадни вести слушав за Газа, Палестина, Арафат, па Ирак и Иран, ама и перестројка, студена војна и уште многу други блесави зборовни конструкции, кои секако ми звучеа како загадочни мистични светови за кои уште не се раскажани приказни во кои паметно би било да се додадат и џедаи за да го решат проблемот на гореспоменатите завојувани планети. Оттогаш речиси ништо не се променило, освен што сè е забрзано и, демек, модернизирано, па повторно имаме студена војна меѓу Западот и Русија, која се вжешти во Украина, тука се Нагорно Карабах, Израел и Палестина, приматот на Иран и Ирак им го зедоа Сирија и Либија, ама не дека овие не се во игра и така, најверојатно до крајот на вселената, оти само човечката глупост е бескрајна. Да имав дете и да ме прашаше, а бе тато, што се тоа Израел и Палестина за кои сите зборуваат, ќе му се врекнев со муабет, глеј си таму детството, за дваесет години ќе бидеш возрасен и сам ќе си добиеш надградени верзии на истите тие Израел и Палестина, ако дотогаш не се вратиме на гранките еволуирајќи во коали, кои очигледно прават многу покорисни работи од нас, таму горе на дрвјата.
Колку и да звучи бесмислено, сето ова ми изгледа како впишани знаци во песокот на мудроста, кои ако внимателно се читаат, добиваме една страшна, ама веќе најавена порака. Влегувајќи низ портите на новата нормалност во која сите вредности се изопачија, добивме контролирана монструм пандемија, пелцување на здравиот разум, ама и доказ дека пола планета може да се стави под клуч, за веднаш потоа сето тоа да исчезне во виорот на војната, која полека, парче по парче ја зафаќа целата планета, додека паралелно, третиот јавач јава на гладот и немаштијата како вовед во големата церемонија среде која смртта пирува. Човештвото е единствена фабрика на планетава за производство на зло. Злото е страшна и моќна деструктивна енергија. Енергијата се пренесува и кога е во огромно количество влијае на небото и земјата. Земјата се тресе, а и небото полуде, ама ние и понатаму знаците на откровението ги читаме како наслов од жолтиот печат на лицемерната комфорност.