Македонските граѓани во сендвич меѓу сиромаштијата и владината пропаганда

Изјавата на вицепремиерот Битиќи го потврди она што го знаеме сите, а тоа е дека ако цените во ЕУ и другите земји галопираат, во Македонија дивеат

Веројатно никој ни во сон не очекуваше вицепремиерот Битиќи разочарано да извика: „Ако храната на берзанските цени во ЕУ е зголемена за 11 отсто, овде е зголемена за 46 отсто. Тоа не е етички“. Навистина чудно. Владата, која покажа малку разбирање за нискиот стандард на граѓаните и која ги продлабочи социјалните разлики покачувајќи ги платите на функционерите за 78 отсто, сега е изненадена што нејзиниот пример го следат и трговците во обид да ќарат што повеќе во кризата во снабдувањето со храна. Проблемот е навистина повеќе етички отколку пазарна законитост, но истовремено влече корен и од слабостите на политиката, која од една страна сака да покаже грижа за народот, но од друга страна не сака да ја загуби ни поддршката на бизнисот во кој учествуваат големите трговски синџири што ги зголемуваат цените.
Нема друго објаснување, освен трка за заработка ако, да речеме, килограм авокадо во нискобуџетниот продажен синџир „Лидл“ (ова не е реклама туку илустрација) може да се купи за 1,5-2 евра а кај нас е 6,5, па и до 10 евра за поубавата сорта. Исто е и со овошјето, како што се боровинките, капините, малините или оревите, бадемите и другите продукти од оваа категорија, и со зеленчуците и други производи од прехранбената листа.
Изјавата на вицепремиерот инаку го потврди она што го знаеме сите, а тоа е дека ако цените во ЕУ и другите земји галопираат, во Македонија дивеат. Нема друг збор да се објасни она што се случува, бидејќи при секое ново влегување во продажните центри за храна гледаме нови повисоки цени. Според „Макстат“, базата на Државниот завод за статистика, од март 2020 година до август 2023 година цените на храната и безалкохолни пијалаци пораснале за 45,7 проценти. Но не заостануваат и другите сфери. Цените во транспортот пораснале за 38 проценти, во домувањето, вода, електрика, гас и други горива 32,3 проценти, мебелот, покуќнина и одржување покуќнина 27,4 проценти, ресторани и хотели 41,5 проценти, алкохолни пијалаци и цигари 22,7, рекреација и култура 17,8 и други стоки и услуги 23,5 проценти. Вкупниот пораст на цените изнесува 33 проценти.
Инфлацијата во ЕУ, пак, опаѓа. Лани во август изнесувала 10,10 проценти, за да се намали на 6,10 проценти до 31 јули 2023 година. Инфлацијата во Македонија е исто така во опаѓање, па ако се суди според официјалните податоци, инфлацијата кај нас сега е помала отколку во европските земји, со што директно се конфронтира констатацијата на Битиќи за енормната разлика во зголемувањето на цените и отвора прашање за алчноста на трговците. Во август 2022 година инфлацијата кај нас изнесувала 14,2 проценти, а во август 2023 изнесувала 5,6 проценти, што укажува на драстична промена на амбиентот, што може да доведе до катастрофа во семејните буџети.

За илустрација на состојбата, ќе направиме споредба меѓу вредноста на потрошувачката кошница денес и некогаш. Минималната синдикална кошница во јули 2023 година за четиричлено семејство изнесува 48.620 денари, во јули 2021 година изнесувала 34.128 денари, во јули 2019 изнесувала 32.653 денари, а во јули 2016 била 32.218 денари, додека во јули 2014 изнесувала 32.083 денари. Во ред, и минималната и просечната плата доживеаја зголемување. Во декември 2016 година просечната плата била 23.457 денари, а сега изнесува 36.527 денари, додека минималната плата од некогашната 10.080 сега е зголемена на 20.175 денари. Но, секому му е јасно дека минималецот и просечната плата не ги следат реалните трошоци за живот на просечниот граѓанин.
Затоа, да не ги заморуваме повеќе читателите со податоци, бидејќи секој најдобро си знае како живее сега во споредба со две, три или повеќе години претходно. Дури и со владината интервенција за намалување на цените, просечниот македонски граѓанин осиромашува, а тоа може да се види секојдневно на улиците и според турканиците во нискобуџетните продажни места. Ако некогаш тие беа резервирани само за пензионерите – без намера да ги омаловажиме туку констатацијата е поради ниските износи на пензии – сега таму може да се забележат и купувачи од таканаречената „средна класа“.

Несомнено во оваа економско-социјална трагедија на денешницата свое влијание одигра и пандемијата, која значително го забави економскиот раст, како и војната во Украина, која удри со сета жестина врз прехранбените суровини, како што е житото, и врз енергентите без кои современиот живот не може да се замисли. На тоа треба да се додадат и климатските промени, кои директно ги засегаат приносите во земјоделството за кои владите во Македонија барем досега не се вклучија во потрага по решенија.
Друго прашање се, пак, моменталните капацитети на македонската економија, па и политиката да се носи со овие предизвици. Фактот што војната ја загрози економската благосостојба и на европските држави само ги намали можностите на македонската економија за маневри на тоа поле, бидејќи помоќните и побогатите побрзо стигнаа до алтернативните ресурси. И тоа не треба никого да го чуди. Токму тоа е мотивирачкиот фактор за државите и заедниците да ги освојуваат меѓународните позиции за да можат во секое време да излезат во пресрет на интересите на своите граѓани.
Направивме брза споредба како државите во регионот се справуваат со оваа нова сиромаштија. Според „Блумберг Адрија“, вирусот на намалување на цените што го зафати регионот почнал од Црна Гора, пред две недели стигнал во Србија, а потоа ги зафатил Хрватска и Македонија. Во март годинава владата на Црна Гора ја формира „Антиинфлациската кошничка“, во која вклучи 25 производи и ограничени цени. Трговците имаа избор дали да учествуваат во оваа акција, како и кои производи од кошничката ќе ги продаваат по ограничени цени. Моделот потоа го презеде хрватската влада, која исто така ги замрзна цените на триесетина прехранбени производи и артикли. Но во Хрватска, владата барем побара од трговците да ги вратат цените на ниво од 31 декември 2022 година. Во оваа земја од регионот, која е и членка на ЕУ, моменталната инфлација изнесува 7,8 проценти. Во Србија, почнувајќи од 20 септември, 20 прехранбени продукти добија намалени цени. Неодминливо е притоа да ја спомнеме и комедијата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој го прифати предизвикот на главниот уредник на НИН заедно со двајца министри да појадуваат леб и салама со мајонез, за први да ги дегустираат производите со намалени цени што му ги нудат на народот. Вучиќ го искористи настанот за да покаже дека тројца мажи можат да се најадат за 580 динари (околу 290 денари), бидејќи саламата, јогуртот, лебот и мајонезот се со намалени цени.

Оваа случка наиде на потсмев во целиот регион, затоа што го отслика лицемерството на богатите и привилегираните кон обичните граѓани. Според истражувањето на „Ипсос“ објавено на 6 септември, Србија, Грција и Португалија се трите акутни држави во Европа каде што падот на куповната моќ е драматичен. Во истото истражување, 89 проценти од анкетираните граѓани во десет европски држави го посочиле рапидниот раст на цените како причина за намалената куповна моќ. Во Бугарија минатиот месец повторно беше регистриран голем скок на цените на основните прехранбени артикли, но владата ги насочи своите сили на смирување на бунтот на земјоделците и производителите на жито по завршувањето на ембаргото за увоз на украинско жито.
Во Македонија, Владата побара цените на 24 категории прехранбени производи да се вратат на нивото од 1 август 2023 и плус да бидат намалени за 10 отсто од тогашната цена. Како механизам против зголемувањето на цените, Владата ќе предложи и закон за нефер трговски практики, кој би требало да ги заузда трговците и да биде полезен за семејните буџети, но од неговото предлагање до донесувањето ќе помине време, а според досегашното искуство сигурно ќе биде ставен и во машинеријата за политички игри. Иако оваа владина мерка може да се сфати како чин на емпатија и одговорност кон граѓаните, тие сепак ја гледаат Владата како егоистична. Причина за тоа, како што спомнавме и погоре, е астрономското зголемување на платите на претседателот на државата, премиерот и министрите, шефот на парламентот и пратениците, судиите, обвинителите, градоначалниците и на други избрани и именувани функционери.
Нивните месечни плати сега се над две илјади евра, што споредено со просечната плата од околу 36 илјади денари во државата е навистина фантастичен износ. Да биде иронијата поголема, барем досега не се остварија бомбастичните најави на премиерот Ковачевски дека ќе ги ревидираат коефициентите за пресметка на функционерските плати.
Гледано во тој контекст, Владата по онаа народната „Господ најпрво себе си создал брада, а потоа на другите“, колку и да се труди да го покаже спротивното, ги остави граѓаните на милост и немилост на инфлацијата и на растот на цените на храната, фрлајќи им трошки, додека за себе си обезбеди финансиска комоција да ги преброди оваа досега незапаметена криза и раст на цените на храната.

Соња Крамарска

(республика.еду.мк)