Царинската управа од јули 2024 година до денес спречила влез на 246 илегални мигранти, претежно од Египет, Судан, Пакистан, Иран, Ирак и Сирија, информираше директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на денешниот оперативен состанок на заедничката група за миграција, организиран од Бирото за јавна безбедност.
Николовски истакна дека создавањето силни безбедносни коалиции е од највисок државен интерес, бидејќи овозможува заеднички и поефикасен пристап во справувањето со илегалната миграција и организираниот криминал.
– Од наш највисок државен интерес е создавање силни безбедносни коалиции, со што ќе овозможиме посилен заеднички глобален напор во борбата со илегалната миграција и во борбата со сериозен криминал. Царинската управа од јули 2024 година до овој момент спречи влез на 246 илегални мигранти. Воедно, во овој период значително ја зајакнавме борбата со организираниот криминал – истакна Николовски.
Тој посочи дека резултатите ја потврдуваат улогата на Царинската управа не само во заштитата на државните граници, туку и во придонесот кон безбедноста на границите на земјите од Европската Унија преку навремено и координирано дејствување.
Според Николовски, размената на информации и меѓуинституционалната соработка на национално и меѓународно ниво се значително подобрени, што го потврдуваат и постигнатите резултати. Тој информираше дека само во текот на оваа година мобилните тимови и К9-единиците на Царинската управа, во рамките на Одделението за оперативни работи, асистирале во 41 акција на Министерството за внатрешни работи.
– Размената на информации, заедничките профили на ризик и координираното постапување се алатки со кои можеме многу порано да го идентификуваме ризикот, уште пред тој да стигне до нашата граница. Ќе се согласам дека досега е постигнато многу, но можеме и мораме уште повеќе, затоа што криминалот не мирува, не чека и не познава граници – порача Николовски.
Тој нагласи дека Царинската управа останува посветена на зајакнување на своите капацитети и унапредување на соработката со МВР и Бирото за јавна безбедност, Јавното обвинителство, како и со царинските администрации и безбедносните институции во регионот.
На состанокот бил истакнат и напредокот на државата во справувањето со современите безбедносни предизвици, меѓу кои трговијата со луѓе и шверцувањето мигранти, што е особено значајно во контекст на евроинтегративниот процес на Македонија.
































