Фото: МВР

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, во изминатите два дена во Охрид беше домаќин на регионалната платформа Joint Migration Task Force, посветена на справувањето со илегалната миграција, организираниот криминал и современите безбедносни предизвици во регионот.

Во фокусот на средбата беа прекуграничните криминални мрежи, нивната способност брзо да ги менуваат начините на дејствување и криминалните рути, како и потребата безбедносните институции да преминат од реактивен кон проактивен пристап преку механизми за рано предупредување и предвидување на ризиците.

На средбата присуствуваа директорите на полициите на Црна Гора, Косово и Албанија, како и делегации од Обединетото Кралство, Грција и Босна и Херцеговина. Свои обраќања имаа и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и раководителот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.

Со тоа беше нагласена важноста на координираната соработка меѓу институциите во справувањето со сложените безбедносни закани.

Како што информира МВР, Јанев истакнал дека регионалната соработка треба да се унапреди, така што размената на информации ќе прерасне во заедничка анализа, навремено препознавање на ризиците и конкретни оперативни активности.

 – Нашите граници се национални. Нашите безбедносни предизвици се регионални. Криминалните мрежи одамна не размислуваат во национални граници, ниту миграциските рути се движат според административните линии на картата. Затоа следниот чекор е постепено да преминеме од формат кој првенствено овозможува координација и размена кон регионален безбедносен центар, каде што информациите ќе се поврзуваат, анализираат и ќе водат кон конкретно оперативно дејствување – нагласил Јанев.

Тој потсетил дека платформата Joint Migration Task Force е иницирана од Обединетото Кралство, а Северна Македонија ѝ се приклучила во 2025 година, заедно со Косово, Албанија и Црна Гора. Во изминатиот период биле воспоставени канали за комуникација, започнала размена на информации и биле реализирани заеднички оперативни денови (Joint Operational Days), кои претставуваат основа за понатамошно продлабочување на соработката.

Посебно внимание било посветено на развивањето заедничка регионална аналитичка слика за високоризичните криминални структури. Тоа подразбира поврзување информации за лица, возила, компании, логистички шеми, финансиски текови и прекугранични активности.

Јанев нагласил дека миграцијата сама по себе не претставува безбедносна закана, но дека институциите мора навремено да ги препознаваат криминалните мрежи што ја злоупотребуваат ранливоста на луѓето, особено во случаите на шверцување мигранти, трговија со луѓе и други форми на организиран криминал.

 – Не треба само да реагираме на она што веќе се случило, туку да се обидеме да предвидиме што може да се случи. Да ги препознаваме промените во миграциските и криминалните рути, во начините на транспорт, финансиските текови и дигиталните канали. Да не инвестираме само во нашата способност да го видиме проблемот, туку и во способноста да го предвидиме – порачал директорот на БЈБ.

На состанокот била истакната и потребата од пошироко регионално поврзување, вклучително и постепено функционално вклучување на капацитетите и информациите на Грција и Босна и Херцеговина. Било разговарано и за следење на копнените и водните коридори со цел создавање поцелосна слика за безбедносните ризици во регионот.

На крајот, Јанев порачал дека заедничката безбедност бара институциите да бидат чекор пред криминалните мрежи преку навремена размена на информации, професионална соработка и координирано дејствување.

 -Да не чекаме заканата да стигне до нашата граница. Да ја препознаеме додека сè уште е на пат кон неа – заклучил Јанев.

Средбата била искористена и за билатерални и мултилатерални разговори насочени кон продлабочување на партнерствата, унапредување на размената на информации и развивање можности за координирани истраги и заеднички оперативни активности, во согласност со законските рамки на државите учеснички.