Се повикуваат сите ученици и ученички од шесто до деветто одделение во основните училишта низ државата, кои имаат научен потенцијал, да се обидат да го зголемат уште повеќе. Како? Едноставно, треба да ни покажат колку ја сакаат науката, колку се добри во тоа што го сакаат и што конкретно би направиле за да станат уште подобри.
Платформата „Наука за деца“, заедно со проф. д-р Венка Симовска, во пресрет на Втората научна конференција за деца, која ќе се одржи на 7 октомври оваа година, за првпат ќе ја додели наградата за научен потенцијал „Иван Ќостаров“. Наградата е во износ од 30.000 денари и се доделува за љубов кон науката, оригиналност и свесност како науката може да придонесе за личен и општествен развој.

ШТО Е ПОТРЕБНО ЗА ДА СЕ ПРИЈАВИТЕ ЗА НАГРАДАТА?
– да сте ученик/ученичка од шесто до деветто одделение во основно училиште во државата;
– во најмногу пет точки да ни кажете што сакате во науката, зошто и како мислите дека науката може да придонесе за личен или за развој на општеството;
– да ни кажете за што би ги употребиле средствата од наградата и зошто ви е важно тоа.
Внесете го тоа во овој формулар:
https://bit.ly/45ZNgiy и пријавени сте!

ШТО БИ ФИНАНСИРАЛЕ И КОЛКАВА Е НАГРАДАТА?
Како платформа за научна култура и ментална фискултура на најмладите, „Наука за деца“ преку оваа награда би финансирале опрема за експерименти и други научни проекти, учество на обуки и курсеви, би покриле трошоци за меѓународни натпревари… Со други зборови, тоа што вие сметате дека ќе има големо значење за развој на вашиот личен научен потенцијал.
Наградата е во износ од 30.000 денари, кои ќе можат да се искористат за покривање трошоци како опишаните погоре. Наградната сума може да се искористи еднократно или за повеќе намени, но задолжително во текот на една година од денот на доделувањето на наградата.

ДО КОГА МОЖЕТЕ ДА АПЛИЦИРАТЕ?
Повикот за наградата „Иван Ќостаров“ е отворен од 21 септември до 1 октомври. Стручно жири составено од научниците што стојат зад „Наука за деца“ ќе ги оценува апликациите, а одлуката за доделување на наградата ќе биде соопштена на 7 октомври, за време на Втората научна конференција за деца.
КОЈ БИЛ ИВАН ЌОСТАРОВ?
Наградата го носи името на Иван Ќостаров, роден во Скопје во 1955 година, а починал во Копенхаген, Данска, во 2019 г. Иван имал само 14 години кога љубопитноста го инспирирала да замине од дома за да учи во славната математичка гимназија во Белград. По професија бил електроинженер и софтвер-архитект, кој многу години живеел во Данска. Тој е и човекот што заедно со уште неколкумина го составил од нула првиот компјутер во Македонија. Имал многубројни и разновидни интереси, но особено бил ентузијастичен кон природните науки. Сакал математика, логика, компјутерски науки, астрономија, астрофизика, генетика и сонувал еден ден да патува во вселената. Сонот не го остварил, но затоа е тука оваа награда во негова чест, која се надеваме дека ќе им помогне на многу деца да чекорат полесно кон остварување на своите научно-љубопитни соништа.