ТАЛЕНТИ: Даниел Христовски, иден научник

Даниел Христовски е средношколец, кој е исклучително талентиран ученик и освојувач на први награди на училишни, општински и на регионални натпревари. Тој, до изминатата учебна година, беше корисник на училишна стипендија од Општина Карпош. По започнувањето на новата етапа во неговиот живот, веќе во четврто одделение, се подготвувал за натпревари, пред сѐ во математика и литература, објави онлајн гласилото на Општина Карпош.
Поддршка добивал од неговите наставнички и во шесто одделение се натпреварувал на државно ниво и не се откажал сѐ до завршувањето на основното образование, каде што на јуниорската математичка македонска олимпијада освоил сребрен медал.
Оттука, карпошанецот продолжил да чекори по патот кон уште покомплицираните и потешки науки за совладување, но за Даниел ништо од тоа не било тешко. Така, по математиката и литературата, каде што освоил неколку први места и две гран при награди, сепак се насочил кон физика, биологија и хемија, како едни од најинтересните и најпримамливи предмети за него.

Како што пишува на веб-страницата: karpos.gov.mk, последната година од основното образование, Даниел го посветил на учење и натпреварување, а истото тоа се наградило со освојување први места на „Школата за млади физичари“, натпреварот по физика „Денови на електротехниката“, државниот натпревар по физика… Целото ова знаење беше закитено со пласман на 20-та Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (ИЈСО 2023), на која имаше два државни селекциски натпревара и на кој учествуваа ученици од основните училишта што имале најдобри резултати на државните натпреварувања по физика, биологија и хемија. По одличниот резултат, Даниел ќе ја претставува нашата држава, а пред сѐ Општина Карпош на големото финале во природни науки во Тајланд, оваа година од први до 10 декември.
Нашиот ученик уште од второ одделение се стекнал со знаење и започнал да се интересира за информатиката и роботиката, посетувајќи ја „СТЕМ академијата“. Часовите во оваа академија му овозможија да научи како да програмира роботи и програмирање со програмата Пајтон. И покрај оваа интересна насока кон образованието, тој и во средното образование се одлучува на натпревари по биологија и физика. Можноста за изучување научноистражувачки дејности и натпреварувања во вселенски програми ќе биде одлична можност Даниел да си ја оствари целта и да работи во НАСА.