Полскиот напаѓач стана трет фудбалер со најмалку 100 гола во европските клупски натпреварувања, по Роналдо, кој има 145, и Меси, со 132 погодока
ФУДБАЛ
Роберт Левандовски стана само третиот фудбалер што постигнал барем 100 гола во европските купови, откако еднаш ја затресе мрежата во победата на Барселона со 5-0 во првото коло на Лигата на шампионите (ЛШ), дома со Антверпен. Полскиот напаѓач сега има рамно 100 гола во европските клупски натпреварувања.
Кристијано Роналдо (Португалија) и Лионел Меси (Аргентина) се најдобри стрелци во клупските натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА). Тие, исто така, се на врвот на вечната листа на стрелци само во Лигата на шампионите, единствени со над 100 погодока.
Откако најсилното европско клупско натпреварување почна да се игра во 1955 година (тогаш како Куп на шампионите), многу од најдобрите светски фудбалери играле во клупските натпреварувања на УЕФА, па од Еузебио и Алфредо ди Стефано до Кристијано Роналдо и Лионел Меси, оваа листа вклучува збирка од најголемите стрелци во фудбалот досега, пишува УЕФА.
Со многу повеќе натпревари во ерата на Лигата на шампионите, не е изненадување што модерните фудбалери водат. Кристијано Роналдо стана првиот што стигна до 100 гола, во април 2017 година, на неговиот 143-ти настап, откако постигна само еден гол во неговите први 32 европски меча. Меси го достигна својот голем ривал шест месеци подоцна, постигнувајќи го 100-от гол по 122 натпревари, пишува УЕФА. Оттогаш и за двајцата продолжија да течат головите.
Роналдо сега има вкупно 145 гола во Европа (играјќи за Спортинг, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и за Јувентус), а Меси 132 (за Барселона и за Пари сен Жермен). Потоа на листата се Левандовски со 100 погодока (Лех Познан, Борусија Дортмунд, Баерн, Барселона), Карим Бензема со 92 (Лион, Реал Мадрид), Раул Гонзалес со 77 (Реал Мадрид, Шалке), Филипо Инѕаги со 70 (Парма, Јувентус, Милан)…
Вкупно 22 фудбалера постигнале барем 50 гола во натпреварите на УЕФА. Во натпревари на УЕФА спаѓаат ЛШ, Лига Европа, Конференциската лига, некогашниот Куп на победниците на куповите, Купот на Европа/Јужна Америка, Суперкуп на УЕФА и Интертото, пишува УЕФА.
На листата на стрелците само за Лигата на шампионите води Кристијано Роналдо со 140 гола, а потоа се Меси со 129, Левандовски со 92, Бензема со 90, Раул Гонзалес со 71, Руд ван Нистелрој (ПСВ Ајндховен, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид) со 56, Томас Милер (Баерн) со 53, Тиери Анри (Монако, Арсенал, Барселона) со 50 итн. Н.М.
НАЈМНОГУ ГОЛОВИ ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ
Кристијано Роналдо (Пор.) 145
Лионел Меси (Арг.) 132
Роберт Левандовски (Пол.) 100
Карим Бензема (Фра.) 92
Раул Гонзалес (Шпа.) 77
Филипо Инѕаги (Ита.) 70
Извор: УЕФА