Историјата, а и сопствените државни искуства кажуваат дека светот не ги почитува оние што молчат за неправдите што им се прават, дури и кога се борат за правата и правдата на другите онеправдени. Во конкретниов случај, изразената поддршка на Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина пред Обединетите нации не го покрива молчењето за неправдите што ѝ се нанесуваат на неа самата, а меѓународната заедница не сака да ги види и да ги признае, туку настојува да го изнуди и да го претстави тоа како „сопствен македонски избор“

Историјата покажува дека светот не ги почитува оние што молчат за неправдите што им се прават

Во поентите на обраќањата на неколку светски лидери на 78-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), кое оваа седмица се одржува во Њујорк (САД), забележливо е дека важно внимание е посветено на прашањето на почитувањето и заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет на државите, како приоритетна точка во почитувањето на меѓународното право и неизбежен услов за мир во светот.
Американскиот претседател Џо Бајден ја издвои таа тема во својот говор, при што јасно го постави прашањето што „ако ги напуштиме основните принципи на Повелбата на ОН“ и ако е така „може ли која било земја-членка да биде сигурна дека е заштитена?“

Најголемите вредности на човештвото се еднакви за сите држави и нации

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во своето обраќање од Генералното собрание на ОН во Њујорк, се повика на тезите за најголемите вредности на човештвото (прво – територијалниот интегритет, потоа суверенитет, а дури под три човековите права) искажани од американскиот претседател Џо Бајден, за да праша: која е разликата помеѓу суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија? Притоа, Вучиќ потсети дека претседателот на САД многупати се повикал на Повелбата на Обединетите нации. Тој посочи дека претседателот на САД, Џозеф Бајден, како најголеми вредности на човештвото ги навел „прво територијалниот интегритет, потоа суверенитетот, а дури под три човековите права“, и тоа „многупати повикувајќи се на повелбата на ОН“.
– Во својот говор ќе се обидам да ги потсетам сите дека тоа не е случај кога е Србија во прашање. Ќе ги потсетам кога нѐ бомбардираа во 1999 година и дека сè уште не ги почитуваат прописите на ОН и резолуцијата 1244 – ја потсети светската јавност, српскиот претседател Вучиќ, наведувајќи дека „не слушнал ниту од еден соговорник рационален одговор на прашањето која е разликата помеѓу суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија, што беше грубо нарушен во случајот со Косово.
– Фактот што беше потпишан договор со НАТО по завршувањето на оружениот конфликт, чии одредби предвидуваа усвојување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, не спречи многу западни земји уште еднаш да го погазат територијалниот интегритет на Србија со признавање на еднострано прогласената независност на Косово – рече Вучиќ.

Се слушна ли во ОН за загрозеноста на идентитетот на македонската нација што се спроведува во пакет-пресии заедно со загрозување на интегритетот и суверенитетот на Македонија?

Многубројна делегација од Македонија, предводена од претседателот на државата, Стево Пендаровски, е присутна на актуелното заседание на ОН, во Њујорк. Според информациите од Владата, и премиерот Димитар Ковачевски во Њујорк на случувањата во зградата на ОН е присутен „неофицијално“, иако учествувал во неколку форуми во рамките на заседанието.
Несомнено дека присуството на највисоките официјални македонски политичари во ОН говори за значењето и почитта што Македонија ги посветува на оваа светска организација, и покрај тоа што нивното истовремено отсуство од државата (и на претседателот и на премиерот на Владата) можеби ги доведува во прашање безбедноста и функционалноста на системот.
Но она што се очекуваше од оваа делегација, во амбиент во кој доминираат како глобални предизвици темите за територијалниот интегритет и суверенитет, е македонските претставници да ги искажат пред светската јавност предизвиците од овој вид со кои Македонија се соочува последниве години, обидувајќи се да го фати чекорот со променливите ирационални и вонправни услови за нејзино интегрирање во ЕУ.
Во македонската јавност, високофреквентна е дебатата за загрозеност на државниот суверенитет, па и на територијалниот интегритет, изразено во условот на Бугарија (преку ЕУ) за уставни измени за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата. Самиот факт за барање уставни измени од друга држава, според меѓународното право, е уцена врз државниот суверенитет.
Таквата уцена врз суверенитетот често е придружена со изјави на бугарски политичари и за закана врз територијалниот интегритет на државата. Но во излагањата на македонските претставници, на 78-то заседание на Генералното собрание на ОН не се слушна за ваквата состојба на уцени и закани со територијалниот интегритет и суверенитет на кои е изложена Македонија од Бугарија на својот европски пат. Дали се пропушта шансата од страна на македонската висока политика или уште едно „стратегиско премолчување“ на неправдите и кршење на меѓународното право што „на живо“ се спроведува врз Македонија? Веројатно, засега – да, но секако дека уште има време гласно и аргументирано нашиот став да се искаже јасно пред светската јавност и паралелно со тоа да се бара поддршка за нас во членките на ОН.
Историјата, а и сопствените државни искуства кажуваат дека светот не ги почитува оние што молчат за неправдите што им се прават, дури и кога се борат за правата и правдата на другите онеправдени. Во конкретниов случај, изразената поддршка на Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина пред Обединетите нации не го покрива молчењето за неправдите што ѝ се нанесуваат на неа самата, а меѓународната заедница не сака да ги види и да ги признае, туку настојува да го изнуди и да го претстави тоа како „сопствен македонски избор“.