Крајно лицемерно е Брисел да реагира на измените на Кривичниот законик и да бара широка дебата во земјава, а молчеше кога македонските граѓани, стручната и експертската јавност бараа транспарентна постапка и поширока јавна расправа за таканаречениот „француски предлог“. Очигледно во европската престолнина реагираат селективно, молчат кога тоа ним не им одговара, а реагираат кога директно не се вклучени во некои процеси. Премолчеа и продолжуваат да молчат секогаш кога земјите-членки на Унијата флагрантно го прекршуваат меѓународното право, односно императивните норми и принципи „јус когенс“
ЕУ со грижа за измените во Кривичниот законик, а безгрижна за газењето на меѓународното право
Неодамнешното усвојување на измените во Кривичниот законик, од кои дел од денеска ќе стапат во сила, предизвика бурни реакции во земјава, но ѝ го привлече вниманието и на Европската Унија, која изрази загриженост за последиците од ваквиот чин, особено од можноста на тој начин уште повеќе да се стимулираат корупцијата и неказнивоста.
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир изјави дека во моментот Брисел ги разгледува овие измени, особено начинот на кој се донесени, а во меѓувреме се огласи и Европската комисија, која е незадоволна зошто целата работа поминала без пошироки стручни консултации во земјата.
– Жалиме поради недостигот од сеопфатни консултации со домашните чинители и со ЕК пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите што првенствено имаат цел усогласување на националното право со ЕУ – се вели во реакцијата на ЕК.
Токму изразувањето незадоволство поради нетранспарентната постапка при носењето на измените во Кривичниот законик најдобро го отсликува лицемерниот однос на ЕУ кон Македонија.
Имено, крајно илузорно е Брисел да реагира на измените на Кривичниот законик и да бара широка дебата во земјава, кога молчеше кога македонските граѓани, како и целата стручна и експертска јавност бараа транспарентна постапка и поширока јавна расправа за таканаречениот „француски предлог“. Очигледно во европската престолнина реагираат селективно, молчат кога тоа ним не им одговара, а реагираат кога директно не се вклучени во некои процеси. Премолчеа и продолжуваат да молчат секогаш кога земјите-членки на Унијата флагрантно го прекршуваат меѓународното право, односно императивните норми и принципи „јус когенс“, кои не дозволуваат на ниту една земја да се меша во внатрешните работи на друга суверена земја, да бара интервенција во нејзиниот устав и тоа да е поддржано од Европа.
Впрочем, она што изминатата година го бараше ЕУ од Македонија, всушност, е класично погазување норми и принципи, кои по правило не треба да се подложни на дерогирање. Едно од тие суверени права е правото на немешање во строга внатрешна надлежност. Уставот е исклучиво внатрешна надлежност на една земја, така што Европа нема право да се меша, да го дерогира внатрешниот правен систем и да врши притисок врз Македонија да го промени Уставот, исклучиво по барање на Бугарија.
Сето ова говори за двојните европски критериуми, да реагираат за работи што се во внатрешна надлежност на државата, а да молчат за прекршувањето на универзалното право кога доаѓа од нивна страна.
Бугарија како земја-членка на ЕУ со потпишувањето на Договорот за пристапување во ЕУ се обврзала дека ќе ги почитува сите европски институции, но тоа не го прави повеќе од 15 години. Не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права, не реагира на резолуциите од Советот на Европа, нејзини европратеници отворено практикуваат фашистички политики во Европскиот парламент, а ниту владеењето на правото и борбата со корупцијата не се на некакво европско ниво. Очигледно, ЕУ не го следи ова со „сериозна загриженост“ како што се „загрижи“ за состојбите во Македонија.
– Веќе на сите им се јасни европските двојни критериуми и стандарди. Тие секогаш ќе ги заштитуваат своите земји-членки, без оглед што со таквите постапки директно го прекршуваат меѓународното право. Европа е таа што треба со сите сили да се бори да се почитува меѓународното право, а не да ја притиска Македонија за уставните измени и да ги условува почетокот на преговорите со нивното усвојување во македонското собрание. Со тоа Унијата директно го погази правото за немешање во внатрешните работи на суверена земја. Од друга страна, кога стануваше збор за македонското малцинство во Бугарија, тогаш Брисел истакнуваше дека се работи за внатрешни работи на една земја и дека не може да се меша. Брисел молчи и за пресудите на Европскиот суд за човекови права, молчеше и за прекршувањето на меѓународното право од страна на Грција, дозволувајќи таа да ѝ наметнува име на суверена држава – велат соговорници што подолги години беа вклучени во македонските дипломатски активности.
Според нив, нема ништо лошо Брисел да ги мониторира состојбите во Македонија бидејќи земјава е кандидат за членство во ЕУ, но со своето однесување мора да покажува позитивен пример.
– Македонија сака да влезе во ЕУ затоа што верува во европските вредности, сака да има владеење на правото, ефикасна борба против корупцијата, пристап до поширокиот европски пазар, слободно движење на луѓето… Но и Европа мора да покаже дека е истата, што значи дека ако Бугарија ги прекршува правилата на игра, ќе биде казнета, а не да се премолчува тоа. Меѓународното право мора да важи еднакво за сите, а ако ЕУ сака да даде пример за владеење на правото и почитување на меѓународните норми, прво треба да почне од сопствениот двор – наведуваат соговорниците.