Не треба да се исклучат вистинската желба, волја и заложби на Германија за Македонија конечно вистински да зачекори на патот кон ЕУ, но по сите претходни изневерени ветувања и по сите национални жртви од македонска страна, „големата слика и геополитичката релевантност на ЕУ“ не се адутот со кој евроемисарите треба да нѐ убедуваат за нови избрзани уставни измени. Како што Македонија, како земја-кандидат, ги почитува и дава придонес за интересите и политиките на ЕУ во актуелната геополитика, крајно време е и ЕУ и нејзините земји-членки да покажат почит и разбирање спрема националните интереси на Македонија и македонскиот народ
Деновиве повторно ја гледавме старата слика. Па така, имавме еден ден со заплашувања за самоизолација, а другиот ден со емотивни изливи од искуствата со ирационалноста на европските колеги во однос на политиките на ЕУ за проширување. Но завршната поента на посетите на германските дипломати во Македонија на почетокот на седмицата беше – изгласајте ги уставните измени и (можеби) ќе започнете преговори за членство во ЕУ!
Мануел Сарацин, специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, со методот на „футуристичка дистопија“ прорекуваше дека ако не се случат уставните измени во Македонија, Албанија ќе се одвои од ЕУ-пакетот и ќе ги започне сама преговорите за членство во Унијата, со што Македонија практично би останала изолирана од европската перспектива. Сепак, Сарацин на крајот од изолационистичките прогнози за Македонија призна дека за одвојување на Албанија од преговарачкиот пакет треба едногласна согласност на Советот на ЕУ, а таму има редовно две-три скептични земји за напредокот на европските реформи што го прави Албанија.
Михаел Рот, пак, сега во улога на претседавач на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, а порано државен секретар за Европа на Германија, во Собранието на Македонија имаше своевидна емотивна исповед за убедувањата со француските и бугарските колеги, што тој ги нарече „клечење и молење“ да не го блокираат со вета почетокот на преговорите на Македонија. Дури откри и дека имал план од шест точки за забрзување на процесот на преговори, што сепак, допрва ќе треба да биде разгледуван и прифатен од сите земји-членки на Унијата. Но Македонија треба да ги направи уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот веднаш, зашто, според Рот, „се болни, но и неизбежни“. Иако Рот не го кажа тоа, по признанието за неуспешното „клечење и молење пред француските и бугарските колеги“, можеше лесно да се прочита меѓу неговите зборови – уставните измени за Македонија се „неизбежни“, зашто е полесно да се врши притисок врз земја-кандидат што и претходно била измачувана и попуштила пред непринципиелни уцени.
Интересно е што никој од емисарите убедувачи во Македонија не одрекува дека ваквите уцени се неправедни и спротивни на вредностите и критериумите на ЕУ, но ургентноста и упорното инсистирање во нивните настапи остава впечаток дека самите имаат интерес од брзото спроведување на уставните измени, и покрај сите импликации за македонскиот суверенитет и национален идентитет.
Третиот ден, во истата недела кога германските претставници лобираа за уставните измени во Македонија, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во последното обраќање во овој мандат пред Европскиот парламент во Стразбур со извештај за „Состојбата на Унијата“, порача дека „за помалку од триста дена, граѓаните на ЕУ ќе гласаат на избори во нашата единствена демократија“. Важен дел во своето излагање пред европарламентарците, Фон дер Лејен посвети на проширувањето, порачувајќи дека „сите што мислат дека проширувањето ќе нѐ направи помалку ефикасни грешат“ и верува дека „Тимот Европа ќе работи и со 30+“.
Најавувајќи ги изборите за Европскиот парламент, за помалку од 300 дена, Фон дер Лејен практично стави до знаење дека земјите-членки на ЕУ влегуваат во предизборна кампања, односно секоја земја-членка, па и некои внатрешни блокови се мобилизираат за да ги издејствуваат, пред сѐ, своите интереси во креирањето на идните политики на Унијата. Од друга страна, се чини дека Фон дер Лејен му упати порака и на францускиот претседател Макрон дека неговите заложби, „прво реформи на Унијата, па проширување“, не се совпаѓаат со, се чини, германската визија за „надминување на старите бинарни дебати за проширувањето“. Сѐ уште актуелната претседателка на ЕК порача дека не се работи – или за зајакнување на интеграцијата, или за проширување на Унијата, туку дека „можеме и мораме да ги направиме и двете“.
Овие навестувања за претстојните европарламентарни избори даваат некоја појасна претстава за ургентноста и настојчивоста на германската дипломатија во Македонија, како наводна поддршка за забрзување на македонските евроинтеграции. Секако, не треба да се исклучат вистинската желба, волја и заложби на Германија за Македонија конечно вистински да зачекори на патот кон ЕУ, но по сите претходни изневерени ветувања и по сите национални жртви од македонска страна, „големата слика и геополитичката релевантност на ЕУ“ не се адутот со кој евроемисарите треба да нѐ убедуваат за нови избрзани уставни измени.
Како што Македонија, како земја-кандидат, ги почитува и дава придонес за интересите и политиките на ЕУ во актуелната геополитика, крајно време е и ЕУ и нејзините земји-членки да покажат почит и разбирање спрема националните интереси на Македонија и македонскиот народ. А уставни измени под уцена и преговарачка рамка на ЕУ со вграден контролен механизам за спроведување на бугарските интереси, никако не се во интерес на Македонија. Аргументот дека таквата преговарачка рамка е „најдоброто што можеле да добијат“ не значи дека тоа е најдоброто за Македонија, па ниту најдоброто за ЕУ и нејзините декларирани принципи. Ако измените во македонскиот устав и евентуалниот почеток на преговорите на Македонија со ЕУ се само уште еден адут на евробирократите во нивната предизборна кампања, за Македонија значат редефинирање на државниот суверенитет (Бугарија бара и пристап до македонските архиви, одобрување на македонските образовни концепти, интервенции во историјата) и на националниот идентитет. Наместо притисоци врз Македонија, евроемисарите треба да посветат повеќе внимание на контролирање на уценувачкиот менталитет развиен кај своите земји-членки и на „враќање во мода“ на основните принципи и вредности на Европската Унија.