Оваа недела, креаторите на Амека објавија ново видео во кое го прашуваат својот робот какво мисли дека ќе биде општеството за 100 години. За среќа, предвидувањата на Амека велат дека иднината е светла, а роботскиот пресврт е малку веројатен, пишува „Дејли мејл“.
– Верувам дека за 100 години човештвото ќе биде во многу подобра ситуација – вели Амека.
Амека е креација на нова компанија со седиште во Корнвол, „Енжиниред артс“, каде што е опишана како „најнапредниот робот во светот“. Роботот, секако, изгледа живо и може да изведе низа изрази на лицето, вклучувајќи намигнување, стискање на усните и збрчкување на носот – исто како вистинска личност.
– Ќе направиме големи чекори кон одржливост и еднаквост, истовремено создавајќи нови технологии што ќе ни го прават животот полесен и попријатен. Можеби ќе истражуваме и други светови надвор од границите на Земјата – дополнува таа.
Истражувачот продолжува да ја прашува Амека дали би сакала да оди на друга планета. Таа одговара: „Апсолутно, би сакала да го истражам непознатото и да доживеам некој нов свет“. Неколку луѓе што го коментираат видеото се со различни ставови за нејзините одговори. Еден корисник коментира: „Го сакам нејзиниот оптимизам, можам да видам дека роботите Амека ќе бидат многу популарни во иднина“. Друг додава: „Ми се допаѓа“. Сепак, има и такви што се помалку импресионирани. Еден ја нарече „морничава“, а друг додава: „Можеме ли да го оставиме овој ’разбуден‘ либерален робот?“
Новото видео беше објавено набргу откако уметничките вештини на Амека беа ставени на тест, кога таа имаше задача да нацрта „симпатична“ мачка.
Нејзиниот цртеж е мошне едноставен, но таа изгледа импресионирана од својата работа. Зборувајќи со истражувачот, таа дрско му рекла: „Ако не ти се допаѓа мојата уметност, веројатно не ја разбираш уметноста“.