Грција
Како значајна информација за македонските граѓани што планираат деновиве да ги минат на „доцен летен одмор“ токму во таа област во Грција, пренесуваме прогноза на грчката метеоролошка служба. Оттаму предупредуваат на катастрофално лошо време во деновите што следуваат…
Подготвил: Mарјан Велевски
Стотици куќи и многу улици и околни патишта беа поплавени во пристанишниот град Волос, во централна Грција, по големото невреме во поширокиот регион, што почна во понеделникот попладне и продолжи во текот на вчерашниот ден.
Вчераутро, нивото на водата се зголеми за три метри на 12-километарскиот поток Крафсидонас, кој собира вода од Пелион и поминува низ неколку области на Волос, ставајќи ја во опасност соседната област Агиа Анаргири.
Стотици возачи останаа заробени во своите автомобили на улиците во местата Ламбраки, Димитријадос, Јасонос, Аргонафтон, Лариса и Атинон. Споредните патишта донесоа огромни количества дождовница од планината Пелион што одводната мрежа не може да ги апсорбира. Силните врнежи предизвикаа поплави и во Ламиа во централна Грција, како и на островите Крф и Скиатос.
За невремето наречено „Даниел“, министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција, Василис Кикиљас, вчера рече дека станува збор за „екстремен природен феномен“ и истакна дека е потребна внимателност од сите, како од властите така и од граѓаните.
Како значајна информација за македонските граѓани што планираат деновиве да ги минат на „доцен летен одмор“ токму во таа област во Грција, пренесуваме прогноза на грчката метеоролошка служба. Оттаму предупредуваат на катастрофално лошо време во деновите што следуваат. Лошото време ќе се задржи до петок, откога повторно се очекува пораст на температурите. Според предупредувањето, сите туристи што се наоѓаат на туристичките места се предупредуваат да ги паркираат своите возила на безбедни места, бидејќи речиси сите улички во периоди на такво време се претвораат во притоки на морето.
Вонредна состојба и во Бугарија
Поради обилните врнежи во некои делови од Бугарија беше прогласена вонредна состојба, а 2.000 лица беа заробени од поплавите во Царево. Од невремето се уништени четири моста, а отсечени се многу патишта. На социјалните мрежи се споделуваат видеоснимки од Царево, чии улици се преполни со вода и во нив пловат возила.