Јовановски освои 352 поени и скокна 57 места

ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА СЕПТЕМВРИ

На светската листа и понатаму неприкосновени се Магнус Карлсен и Јифан Хоу

Членот на ШК Алкалоид, Теодор Јовановски (18), вицепрвак на Македонија до 18 години за годинава, освои импозантни 352 нови рејтинг-поени (2.181) и од 93-то скокна на 36-то место на македонската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за септември. Нови поени освоија и ИМ Никола Николовски (2.377, плус 16), кој е 10-ти, Стојанчо Димковски (2.054, плус 28), кој е сега 59-ти…

На врвот без големи промени, прв е ВМ Кирил Георгиев (рејтинг 2.542), а следуваат ВМ Трајко Недев (2.465), ИМ Филип Панчевски (2.452), Александар Чоловиќ (2.435), ИМ Дејан Стојановски (2.425) итн. Македонија (мажи) падна за едно место и сега е 57-та меѓу 200 федерации, со еден поен помалку (2.430, се смета просечниот рејтинг на првите 10 играчи). Кај Македонките и понатаму води ЖФМ Весна Секуловска (рејтинг 2.065), пред ЖФМ Моника Стојковска (2.042), а сега трета е ЖИМ Габриела Коскоска (1.968). Македонија (жени) назадуваше за едно место, а минусираше 26 поени (1.906).

Норвежанецот Магнус Карлсен (2.839, плус четири поени) и понатаму води на машката светска рејтинг-листа, пред Американецот Фабијано Каруана (2.786, плус четири), кој напредуваше за едно место, трет е Американецот Хикару Накамура (2.780, минус седум), а беше втор. Четврти е светскиот првак Динг Лирен (2.780), а петти Французинот Алиреза Фирузја (2.777). Скок од 10 места направи Индиецот Рамешбабу Прагнананда (2.727, плус 20 поени, сега е 19-ти), како и Азербејџанецот Нијат Абасов (2.677, плус 31), кој скокна од 97-то на 59-то место. Во првите 10 се најде и младиот Индиец Домарају Гукеш (осми, 2.758, плус седум). Екипно први се САД (2.728, минус два), пред Индија (2.701, плус два), која беше трета, Русија (2.688, минус 12)…

Кај шахистките неприкосновена е ВМ од Кина, Јифан Хоу (рејтинг 2.628), пред светската првенка, нејзината сонародничка Ју Венјун (2.560, минус осум) и третопласираната, Русинката Александра Горјачкина (2.558, плус еден поен). Екипно води Кина (2.481, минус три), пред Индија (2.419, плус девет), Русија (2.411, плус седум)… Г.И.