ФУДБАЛ – УЕФА
Мора да се покажат жолти картони за обиди да се измами судијата, глумење повреда, симулација или претерување или за одложување на рестартот на играта. И во случаи на навредливо однесување казната треба да биде црвен картон. Се разбира, фудбалот е игра на емоции, но ситуациите кога играч или тренер навредува или малтретира судија не може да се сметаат за емоција. Одредено однесување повеќе не може да се толерира. Наша должност е да го заштитиме имиџот на фудбалот, вели Росети
Говорејќи на брифингот за медиумите во Монако во средата, предводникот на судиите во Европската фудбалска унија (УЕФА), Роберто Росети, инсистираше на тоа дека дошло време да се стави крај на случаите на лошо однесување на играчите и на тренерите, наведувајќи го особено негативното влијание на таквото однесување врз јавното мислење и врз помладите фудбалски навивачи, пишува УЕФА.
– Доста е, време е да се дејствува – рече Росети.
Тој ги повика судиите да покажат сила и храброст и да покажуваат жолти картони за постапки како што се несогласување, трчање кон судијата, мобинг или каков било вид неспортско однесување.
– Мора да се покажат жолти картони за обиди да се измами судијата, глумење повреда, симулација или претерување или за одложување на рестартот на играта. И во случаи на навредливо однесување, како што се навреди, казната треба да биде црвен картон. Се разбира, фудбалот е игра на емоции, но ситуациите кога играч или тренер навредува или малтретира судија не може да се сметаат за емоција. Наша должност е да го заштитиме имиџот на фудбалот и мора да ја искористиме оваа можност за промена. Одредено однесување повеќе не може да се толерира. Мораме да дадеме добар пример за момчињата и за девојчињата што ја сакаат играта. Сакаме нашите судии да бидат робусни и да преземат акција – вели Росети.
Врвните европски судии ќе бидат информирани за тоа што се очекува од нив во врска со ова на нивниот летен курс на Европската фудбалска унија во Женева следната недела.
Росети го истакна позитивното влијание што системот за видеопомошник-судија (ВАР) го има врз фудбалот.
– ВАР сега е дел од фудбалот. Не можеме да ја замислиме играта на највисоко ниво без ВАР. Кога системот беше воведен во сезоната 2018/2019, тој беше присутен на 55 меча, а лани ВАР беше користен на нешто повеќе од 1.800 натпревари низ натпреварувањата на УЕФА – изјави Росети.
Системот, рече Росети, бил воспоставен, меѓу другото, за да ги исправи јасните и очигледни грешки и да служи за помош на судиите. Сепак, тој инсистира на тоа дека ВАР не треба да стане фокусна точка преку прекумерна употреба во натпреварите.
– Иако интервенциите се очигледно неопходни во одредени ситуации, сакаме да видиме намалување на интервенциите на ВАР, чувствуваме дека судиите мора да останат во центарот на играта и да ги носат одлуките – вели тој.
Росети го поздрави позитивниот ефект врз фудбалот воопшто што го има полуавтоматската технологија за одредување офсајд.
– Полуавтоматската технологија за офсајд им овозможувал на тимовите во ВАР брзо и попрецизно да одредат офсајд-ситуации. Системот работи многу добро во однос на точноста и побрзото одлучување. Офсајдот повеќе не е проблем за нас – вели Росети.