Специјалниот суд за Косово со седиште во Хаг привремено го пушти од притвор поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи за да го посети семејството, односно да го види неговиот татко, чија здравствена состојба е влошена последните денови, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението на судот во Хаг одлуката е донесена од хуманитарни причини.
– Од хуманитарни причини Судскиот совет го упати секретаријатот да организира посета на притворениот Хашим Тачи на Косово, заради средба со неговото семејство. Обвинетиот останува во притвор и под надзор на Специјалниот совет – се наведува во соопштението на Судот доставено до неколку приштински медиуми.
За време на престојот во Косово, Тачи ќе биде под надзор на припадници на косовската и на полицијата на Мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС.
На Тачи и на уште неколкумина поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во Хаг им се суди за претпоставени злосторства врз цивили во периодот од почетокот на војната во Косово во 1998-ма до крајот на 2000 година.