Нови цени на поштенските услуги во меѓународниот поштенски сообраќај се во сила од денеска. Новите цени се однесуваат за писмата, поштенските картички, печатените работи и малите пакети.
За стандардизираното писмо, поштенската услуга ќе чини 42 денари, а исто толку ќе чини и за поштенската картичка.
Поштенската услуга за нестандардизираното писмо до 20 грама во соседните држави и во земјите од Европа, кои се во втора зона, од септември ќе биде 42 денари, а за останатите држави од Европа, кои се во трета зона, како и за Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот 45 денари.
За препорачаните писма, ќе се доплаќа 139 денари како дополнителна цена која ќе се додава на цената за основната услуга.
Кај малите пакети до 100 грама, доколку се праќаат во соседните држави и во земјите од Европа од втора зона ќе се плаќа поштенска услуга од 105 денари, а за останатите европски држави кои се во трета зона, како и за Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот 120 денари. За најголемите пакети од 1.000 до 2.000 грама, цената на поштенската услуга за соседните држави и за Европа, втора зона, ќе биде 1.115 денари, додека за останатите европски држави, Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот ќе биде 1.285 денари.
За печатени книги, весници и списанија до 20 грама, поштенската услуга за соседните држави и Европа, втора зона, ќе биде 37 денари, а за Австралија, Нов Зеланд и останатите држави од светот 39 денари. За пратка со печатени книги, весници и списанија кои тежат од 1.000 до 2.000 грама, ќе се плаќа поштенска услуга од 1.112 денари за соседните држави и Европа, втора зона, додека за Австралија, Нов Зеланд и останатите држави во светот 1.265 денари…
За авионски превоз за писмо, поштенска картичка, печатени работи, мали пакети и секограми (сите видови печатени работи за слепи) за Австралија и Нов Заланд и за останатите земји во светот, цената ќе биде по 6 денари за секои 10 грама тежина на пратката, која ќе се пресметува како дополнителна цена и ќе се додава на цената за основната услуга. За земјите од Европа, цената за оваа услуга останува четири денари на секои 10 грама тежина на пратката.
Потребата од зголемување на цените, како што стои во образложението од Агенцијата за пошти, е оправдано од неколку причини – некои од постојните цени на основните и дополнителните услуги во меѓународниот сообраќај како писмо и поштенска картичка се во примена повеќе од 20 години, додека цените на нестандардизираното писмо, печатени работи и мали пакети, препорачано ракување и ракување со писмо, не се сменети шест години, а трошоците за нивно обезбедување се зголемени.
Во образложението се наведува и дека вака зголемените цени на поштенските услуги се меѓу пониските во регионот и дека се во рамки на просекот со земјите од регионот.