Организаторите на фестивалот треба да ги следат очекувањата на публиката, колку и да се нескромни, затоа што „Охридско лето“ не е само едно во изобилието „културни лета“ кај нас, туку е еден и единствен фестивал од ваков ранг, препознатлив по својата содржина, програма и гости, кој некако успева да го избегне популистичкиот концепт, или барем мудро балансира меѓу уметноста и комерцијалата
Цели четириесет врели летни ноќи во Охрид беа исполнети со блескави културни настани, концерти и театарски претстави, во автентичниот амбиент на Античкиот театар, црквата „Св. Софија“, предворјето на „Св. Софија“, Долни Сарај и Центарот за култура. Годинашното 63. издание на „Охридско лето“ со внимателно избраната програма и звучните имиња на отворањето на фестивалот (неприкосновената Анџела Георгиу и светскиот актер Џон Малкович) докажа дека нема намера да го изгуби реномето на најпрепознатлив и единствен летен фестивал на нашите простори, фестивал што е избран меѓу петте најдобри во Европската асоцијација на фестивали.
Податоците дека за повеќето настани се барало билет повеќе, дека е забележано двојно зголемување на посетата, како и рекордна посетеност од странската публика, што ги објави раководството на фестивалот, се уште една потврда дека она што низ годините го граделе илјадници уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… не било залудно. И годинава во фестивалската историја се впишаа светски уметници што ќе се паметат уште долго.
Покрај музичката програма, која е столб на фестивалот, а која заврши во црквата „Света Софија“ со одличниот концерт на професионалниот мешан хор „Про арс“, проследен со многубројна публика и долги овации, годинава и театарската програма е посочена како една од најуспешните досега. Тоа го покажа интересот за претставите од програмата, почнувајќи од „Бикот на Фаларис“, преку спектакуларната „Исповедите на серискиот убиец“ со Џон Малкович, „Ана Каренина“ на Пројковски, Жолдаковата „Едвард Втори“, магичната „Декамерон“ на Прилепскиот театар, неверојатната „Нора“ на Нела Витошевиќ, а завршувајќи со последната, „Лагата“ во режија на Никола Љуца, во продукција на Драмскиот театар од Белград со која се спушти завесата на годинашното фестивалско издание, а која ја проследи двеилјадна публика. По завршувањето на претставата беше изгаснат фестивалскиот оган што гореше во текот на изминатите фестивалски вечери, а крајот на ова фестивалско издание беше означен и со огномет на небото над Античкиот театар.
Годинашното 63. издание на „Охридско лето“ со внимателно избраната програма и звучните имиња на отворањето на фестивалот (неприкосновената Анџела Георгиу и светскиот актер Џон Малкович) докажа дека нема намера да го изгуби реномето на најпрепознатлив и единствен летен фестивал на нашите простори, фестивал што е избран меѓу петте најдобри во Европската асоцијација на фестивали
Одржувањето на квалитетот на програмата на „Охридско лето“ не секогаш им одело од рака на организаторите. Имало години, особено оние по настапот на славниот Мориконе во 2009-та, кога возбудата во пресрет на отворањата изостанувала, со исклучок на годините во кои ги слушнавме оперска дива Барбара Фритоли и познатиот баритон Лео Нучи, или шармантниот Хворостовски, но сепак не на она ниво што го поставија некои од најзвучните имиња во светот на музичката класика што сме ги слушнале на оваа сцена, како Зубин Мехта, Енио Мориконе, Хозе Карерас, Џеси Норман, Михаил Плетњов, Гидеон Кремер, Вадим Репин, Најџел Кенеди, Мстислав Ростопович, Максим Венгеров, Џулијан Рахлин, Хенрик Шеринг, Елена Обраскова, Катја Ричарели, Кшиштоф Пендерецки… Веројатно оттогаш верната публика на „Охридско лето“ секогаш очекува да види ново име на сцената.
Оттука еден од најважните предизвици за организацијата е да се внесе свежина во програмскиот концепт на фестивалот и, конечно, да не ги гледаме и слушаме секоја година истите неколку ансамбли или солисти што веќе неколкукратно биле во Охрид. Фестивалот мора да го одржува нивото, затоа што зад себе носи тежок „товар“, особено ако се потсетиме на 1970/1980-тите години, кои сѐ уште важат за златни во неговата долга историја. Оттука организаторите на фестивалот треба да ги следат очекувањата на публиката, колку и да се нескромни, затоа што „Охридско лето“ не е само едно во изобилието „културни лета“ кај нас, туку е еден и единствен фестивал од ваков ранг, препознатлив по својата содржина, програма и гости, кој некако успева да го избегне популистичкиот концепт, или барем мудро балансира меѓу уметноста и комерцијалата.