Се очекува неговата кариера, најверојатно, да продолжи во тамошниот женски клуб Канзас Сити

ФУДБАЛ

Македонскиот тренер Влатко Андоновски (46) не е повеќе селектор на женската фудбалска репрезентација на САД, а оваа одлука се очекуваше да биде потврдена и од Фудбалската федерација на САД во текот на вчерашниот ден, пренесе американската спортска ТВ-мрежа ЕСПН.
Андоновски, кој е роден во Скопје, на чело на женската селекција на САД дојде во 2019 година, кога таа зад себе имаше две светски титули (2015 и 2019), но не успеа да ја продолжи таа низа. САД беа елиминирани во осминафиналето на СП во Австралија и Нов Зеланд, кое влегува во својата завршница. Неговите очекувањата од СП во Австралија и Нов Зеланд беа големи пред почетокот, односно освојување на првото место, со што САД ќе влезеше во историјата како прва селекција што триумфирала на СП трипати во низа. Меѓу поголемите успеси што ги постигна Андоновски е бронзениот медал на последните Олимписките игри (ОИ) во Токио.
Според информациите од ЕСПН, се очекува неговата кариера, најверојатно, да продолжи во тамошниот женски фудбал, односно клубот Канзас Сити, каде што веќе беше тренер од 2013 до 2017 г. Според тамошните информации, до изборот на нов селектор, Твила Клигор, која му беше асистентка на Андоновски во репрезентацијата на последното СП, привремено ќе ги води САД. Г.И.