Архитектонскиот концепт се состои од надворешна влезна патека – дромос, преткомора и главна внатрешна просторија – комора, во која била положена урната со кремираните останки од покојникот и даровите за него, вели Душко Темелкоски, археолог од прилепскиот Завод и музеј
Екипа археолози од прилепскиот Завод и музеј завршија со ревизиско археолошко ископување на една од неколкуте антички доцни македонски гробници издлабени во карпа, евидентирани уште во 1958 година во месноста Под Кули – Крклари, под Маркови кули.
– Архитектонскиот концепт се состои од надворешна влезна патека – дромос, преткомора и главна внатрешна просторија – комора, во која била положена урната со кремираните останки од покојникот и даровите за него – вели Душко Темелкоски, археолог од прилепскиот Завод и музеј.
Истражувањето на гробницата на Крклари е иницијатива на археолозите од Заводот и музеј, реализирано со финансиски средства на установата.
– Планирано е отворање и доистражување на сите гробници (бидејќи се претпоставува дека се најмалку четири на оваа локација) и урбанизирање на околниот простор (со отстранување на огромниот депониран отпад од месното население), по што со патоказ од главниот пат што води кон Марковите кули намерниците ќе бидат упатувани да го посетат ова археолошко наоѓалиште, оддалечено само околу 300 метри од патот. На овој начин Прилеп ќе добие уште една атрактивна дестинација во понудата на културниот туризам – додава Темелкоски.
Инаку, минатата година биле истражени две гробници позиционирани на спротивната страна под прилепските Маркови кули, односно во месноста Мечкина Дупка. Било констатирано дека во нив биле погребувани поситуирани жители на пелагонискиот град Керамија во 2 век од старата ера.
Наедно, Прилепскиот Регион предничи со евидентираните над 20 гробници од овој тип. Ка.М.