Ниту еден агол на планетата не е без ситни фрагменти од пластични амбалажи, текстил или садови. Научниците објаснија што значи тоа за нашето здравје и што треба да направиме за да се заштитиме.
Насекаде има невидливи парчиња еродирана пластика од одамна заборавените четки за заби, слатки и играчки. Деловите од микропластиката може да бидат доволно мали за да се инфилтрираат во биолошките бариери на кожата. Сега сите сме делумно пластични, но прашањето е колку треба да бидеме загрижени и дали постои начин да ја намалиме нашата изложеност?
Стефани Рајт, еколошки токсиколог од Империјал колеџот во Лондон, објасни дека во моментов, недостигот од епидемиолошки и човечки податоци значи дека сè уште не ги знаеме штетните ефекти на микропластиката, но се сомнева дека намалувањето на изложеноста на честички воопшто (вклучувајќи микропластика) веројатно ќе биде корисно. Но избегнувањето пластични честички е тешка задача, имајќи предвид дека тие се во воздухот, во водата за пиење, правот и храната.
– Храната и пијалаците завиткани во пластика долго време се поврзуваат со чистотата и заштитата од контаминација, но сега знаеме дека најголемата изложеност на микропластика, веројатно доаѓа од преработената и пакуваната храна и пијалаци. Пластичниот отпад се зголемува кога садовите се изложени на топлина – вели Рајт.
Исто така, таа наведува дека намалувањето на изложеноста на микропластика би започнало со запирање на загревањето во пластика или консумирање топли течности што дошле во контакт со пластика.

Се препорачува вода од чешма

Кога станува збор за водата, се препорачува да консумираме вода од чешма, а не од пластична амбалажа. Некои амбалажирани води, вклучувајќи и стаклени шишиња, содржат илјадници микропластични честички на литар.
Марк Тејлор, главен научник за животна средина во Агенцијата за животна средина во австралиската држава Викторија, истакнува дека филтрите за вода во домаќинствата исто така се обично пластични.
– На крајот тие ќе почнат да пропуштаат бидејќи ќе се распаднат. Реалноста е дека луѓето живеат подолго отколку што живееле досега, но некои луѓе ќе бидат погодени и загрозени од ефектите од изложеноста на микропластика. Можете да размислите за мебелот и облеката што ги купувате и да купувате повеќе природни ткаенини. Наместо полиестерски тепих, можете да изберете други материјали. Размислете и за облеката што ја носите и какви материјали содржи. Дали треба да имате пластични лажици и чинии? – вели Тејлор.
Секоја мала акција е важна. Активното избегнување на купувањето храна како овошје и зеленчук завиткани во пластика или украсени со етикети за храна може да има позитивен ефект. Во кујната наместо пластика може да користите стакло.
– Многу е јасно, без разлика дали имате работа со микропластика или со метали во трагови како што се олово, цинк, кадмиум и арсен, кои мигрираат во вашиот дом, редовното чистење со правосмукалка е навистина ефикасно за намалување на оптоварувањето. Ако не чистите, правот повторно се подигнува и се таложи во садовите со отворена вода, на овошјето, рацете, кујнскиот прибор – истакнува тој.
Малколм Хадсон, професор по наука за животната средина на Универзитетот во Саутемптон, вели да не паничиме поради нашата моментална изложеност на микропластика. Наместо тоа, да ја пренасочиме таа енергија за да спречиме уште повеќе пластика да се натрупува на планетата. Со сегашната стапка на производство, повеќе од 10 милијарди тони лошо управуван пластичен отпад ќе бидат дисперзирани во природната средина до 2050 година.
– Седам дома во мојата канцеларија и веројатно вдишувам пластични влакна од облеката што ја носам и од тепихот на скалите пред канцеларијата. И веројатно голтнав пластика во мојот ручек, што е вознемирувачка мисла, но тоа веројатно не ми прави многу штета – нагласува тој.

Еволуиравме за да се справуваме со нечистотии

– Еволуиравме за да се справуваме со нечистотиите. Затоа имаме сложени респираторни системи и секакви уреди за заробување за да ги спречиме честичките да навлезат во нашите бели дробови. Затоа имаме имунолошки систем, кој е поставен да се справува со малите туѓи тела. Затоа имаме дигестивен систем што не дозволува поголеми нечистотии да навлезат во нашиот систем, туку тие само поминуваат низ него – вели Хадсон.
Но за неколку децении, истакнува тој, ако животната средина продолжи да станува сѐ позагадена, мисли дека ќе имаме проблем. Пред неколку години имаше студија што покажа дека луѓето што работат во текстилни фабрики во Бангладеш биле изложени на многу високо ниво на микропластични влакна во воздухот и страдале од респираторни заболувања.
Друга причина зошто ризиците ќе се зголемуваат со текот на времето е фактот што колку се постари честичките, толку тие можат да станат потоксични. Тие можат да содржат патогени микроби и да преземат други загадувачи како што се тешките метали.