Текстот, всушност, е фиктивен разговор меѓу европскиот (ЕУ) достоинственик Д. и слепиот полковник С., кој го оправдува и го брани однесувањето на Македонецот М. Инаку, тоа што во расказот „Темница и мед“ главниот лик е слеп, не е случајно – во античките текстови, слепите луѓе се пророци и мудреци, додека луѓето што гледаат, заслепени од лажниот сјај на стварноста и празните ветувања, често застрануваат
Тоа што деновиве ѝ се случува на Македонија ме потсети на расказот „Оџачарот Јаш“ од Исак Башевис Сингер – Македонија се наоѓа во центарот на приказната на Сингер, во која ЕУ ја удира Македонија по глава за да ѝ ја врати способноста за видовитост стекната со еден пад на глава, но загубена по друг пад на глава. Само што сега ЕУ не нè удира за да нè вразуми, туку да ни го уништи разумот.
Италијанскиот филм „Парфемот/Мирисот на жената“ (1974) („Profumo di donna“), инаку адаптација на расказот „Темница и мед“ (од Џовани Арпино), и повторно снимената американска верзија (1992) („Scent of a Woman“) беа одбележани од улогите на главните актери Виторио Гасман и Ал Пачино, соодветно. Извонредниот и безвременскиот говор на Френк (Ал Пачино) при крајот на филмот, кој, укажувајќи на неправдата, ја поттикнува Дисциплинската комисија во едно училиште да го цени, повеќе од сѐ друго, интегритетот на студентот, беше инспирација и водилка за овој текст.
Оттука, текстот, всушност, е фиктивен разговор меѓу европскиот (ЕУ) достоинственик Д. и слепиот полковник С., кој го оправдува и го брани однесувањето на Македонецот М. Инаку, тоа што во расказот „Темница и мед“ главниот лик е слеп, не е случајно – во античките текстови, слепите луѓе се пророци и мудреци, додека луѓето што гледаат, заслепени од лажниот сјај на стварноста и празните ветувања, често застрануваат.
Д: „Ќе ѝ препорачам на Комисијата одложување на почетокот на преговорите… на неопределено време. Вие, господине М., сте недоветен, непослушен и немате демократски капацитет“.
С: „Ама г. М. не е лажго и не е сервилен лигуш!“
Д: „Извинете?“
С: „Не, мислам дека нема да се извинам…“
Д (со повисок тон): „Господин С., внимавајте!“
С: „Ова е големо ср*ње!“
Д: „Ве молам, внимавајте на Вашиот јазик, полковнику С! – Вие се наоѓате во колепката на светската култура и демократија, а не во касарна. Господин М., ќе Ви дадам уште една – последна можност да зборувате“.
С: „Господинот М. не сака да зборува. Нему не му треба да биде етикетиран со синтагмата ‘сè уште достоен да биде граѓанин на ЕУ’. Што е тоа, по ѓаволите? Кое е Вашето мото? ‘Момци, бидете сервилни подлизурковци, зачувајте ја вашата кожа. Инаку, ќе ве запалиме на клада.’ Па, господа! Соочени со предизвици, некои момци бегаат, а некои остануваат. Еве го М., соочен со неправдата, стои исправен пред вас. И, што правите? Ќе ги наградите тие што бегаат, а ќе го уништите М.?!“
Д: „Дали завршивте господин С.?“
С: „Не, само што се загревам. Не знам кои се основачи (татковци) на оваа институција: Жан Моне, Роберт Шуман, Конрад Аденауер, Алчиде де Гаспери,…, кој било. Нивниот дух е мртов; можеби некогаш постоел, но денес го нема. Тука, денес, вие градите брод на лукративни подлизурковци. И, ако мислите дека ги подготвувате граѓаните за иднината, подобро размислете повторно. Затоа што велам: вие го убивате токму духот што оваа институција го прокламира дека го има! Каква иронија!? Мислам, единствениот достоен за почитување – тоа е Македонецот М. што седи до мене. И јас сум тука да ви кажам – душата на М. е недопрена. Таа не е за преговори, за предавање и за продавање. Знаете како знам? Некој овде – и нема да кажам кој – понуди неговата совест да се купи. Само господинот М. не сакаше да ја продаде и да ја предаде“.
Д: „Господин С., Вашето однесување ги надминува сите граници на пристојност!“
С: „Пристојност!? Вие не знаете што е пристојност. Би Ви покажал јас Вам, но јас сум премногу стар, премногу сум уморен и премногу сум слеп. Со кого, по ѓаволите, мислите Вие дека зборувате?! Имам проживеано многу, сум бил присутен на повеќе места! Имаше време кога можев да видам! И сум видел вакви момчиња, помлади од овие, со откорнати раце, со откинати нозе! Но, ништо не може да се спореди со глетката на ампутиран дух! За тоа нема протеза! Мислите дека само го испраќате овој достоинствен млад човек М. дома, со наведната глава, но јас велам дека ја убивате неговата ДУША! Зошто?“
(Ја врти главата кон македонските власти.) „А, вие, лукративни македонски подлизурковци – одете по ѓаволите! Вие сте срам за сите: и дома и надвор! Повеќе за надвор, верувајте – дома не ве есапат за ништо, а надвор ве исмеваат!“
Д: „Завршивте, господин С.?!“
С: „Не сум готов! Кога влегов овде, ги слушнав зборовите ‘колепка на демократијата’ и ‘колепка на лидерството’. Внимавајте какви лидери и граѓани создавате! Не знам дали однесувањето на М. денес е исправно или погрешно – не сум судија ниту жири. Но, можам само да ви го кажам тоа дека М. нема да стане лукративен подлизурко за да ја купи својата иднина! И тоа, пријатели мои, се вика интегритет! Тоа се вика храброст! Од тоа треба да бидат направени лидерите!“
(Пауза.) „Во минатото, често се наоѓав на распаќе. Отсекогаш знаев кој е вистинскиот пат; знаев, без исклучок. Но, јас никогаш не тргнав по него. Знаете зошто? Беше премногу… проклето… тешко. Еве го сега М. се наоѓа на крстосница. Неговиот пат е вистинскиот пат. Тоа е пат направен од принципи, тоа е пат што води до карактер, до иднина. Нека продолжи неговото патување. Македонија уште долго време нема да биде подготвена да стане полноправна членка на ЕУ – тоа сите го знаат, но, за жал, тоа за што денес ние сме сведоци е дека Унијата нема демократски капацитет да ја прими Македонија во нејзините редови. Во минатите триесетина години, ЕУ направи премногу преседани токму кон Македонија, креирајќи и измислувајќи мноштво нелогични, недостоинствени и недемократски предлози, за што граѓаните на Македонија со право може да се прашаат дали проблемите што ги има ЕУ, всушност, се поголеми од сите проблеми со кои Македонија се соочува во овој момент, и како држава и како општество. Па, затоа, ви порачувам: Македонија има иднина! – дали вие ќе ја заштитите и ќе ја прегрнете – не знам, но, ако сторите таков чин, тоа, еден ден, ќе ве направи горди и ќе претставува пресвртница во градењето демократска ЕУ-иднина!“.