Фото: Бобан Кошинов

Бобан Кошинов ја сними најмладата учесничка на Илинденскиот марш,
Андреа Данаиловска (13), на Мечкин Камен во Крушево

Празнувањето на Илинден годинава, меѓу другото, ќе биде запаметено и по фотографијата на најмладата учесничка на Илинденскиот марш, тринаесетгодишната Андреа Данаиловска, на Мечкин Камен, во Крушево, која ја сними фотографот Бобан Кошинов. Сликата на која Андреа го крена на две нозе својот коњ, на чии гради беше македонското знаме, многу брзо се прошири на социјалните мрежи. Со желба да дознаеме нешто повеќе за авторот поразговаравме со него, а тој со задоволство го прифати нашиот предлог да се најде на страниците на „Колибри“.

Најпрво, кажете ни неколку збора за себе.
– Роден сум и живеам во Велес веќе 31 година. Со фотографија и видеомонтажа започнав да се занимавам пред околу седум години во регионалната телевизија К1, која, за жал, сега е затворена. Таму го испеков занаетот и веќе пет години сум дел од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ каде што практично го работам истото тоа, видеоедитирање и фотографирање.

Како се случи да се најдете на вистинското место во вистинското време и да ја снимите фотографијата што го обележи годинашното илинденско празнување?
– На Илинден бев дел од делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево и на Мечкин Камен. Додека ја чекавме коњаницата да пристигне, можеби тука е најинтересниот момент, сите фотографи и камермани се префрлија од другата страна, а јас останав кај делегациите. Пристигна коњаницата и беше пречекана бурно, во одлична атмосфера. Коњот на Андреа ми го привлече вниманието затоа што на неговите гради беше знамето на Македонија.
Се приближив да фатам подобар агол и тогаш Андреа го исправи на две нозе и направив неколку фотографии, меѓу кои и виралната. Навистина бев среќен и горд што таа фотографија ја виде речиси цела Македонија.

Какви беа реакциите?
– Од секаде добивав честитки и пофалби за фотографијата, но најдоброто нешто во целата ситуација ми е тоа што на тој начин се разбудија многу патриотски чувства кај Македонците и, секако, на најубав начин им оддадовме голема почит на илинденците и на луѓето што биле дел од Илинденското востание. Се надевам дека фотографијата ќе биде споделувана уште многу Илиндени и ќе стане „заштитен знак“ (trademark) на некој начин на овој историски настан.

Има ли некоја повратна реакција од Андреа?
– Досега од девојчето Андреа немаше повратна реакција. Сѐ се случи многу брзо и, веројатно, додека уште траеше настанот сликата со молскавична брзина се прошири на интернет. Сепак, мислам дека фотографијата ѝ е профилна на Андреа и драго ми е поради тоа.

Бидејќи интервјуто го правиме за „Колибри“, дали некогаш сте биле дел од некој проект за деца?
– Во проекти за деца не сум бил вклучен, можеби тоа ќе се случи во иднина, а звучи навистина интересно и доколку се укаже некоја пригода со задоволство ќе ја прифатам.

Дали можеби планирате изложба на фотографии наскоро?
– Засега не планирам да организирам изложба на фотографии, но, нели, никогаш не се знае што ќе ни донесе иднината.


Ѕвездениот пат на Андреа

Познатиот македонски писател за млади Горјан Петревски, инспириран од фотографијата на тринаесетгодишната Андреа Данаиловска, која ја сними Бобан Кошинов, сподели свое видување на социјалната мрежа Фејсбук и му посака на храброто девојче животна патека посипана со ѕвезди

Оваа илинденска фотографија, бездруго, одушевува и со восхит ја споделувам! Андреа Даниловска, тинејџерка на само четиринаесет од Здуње, ми наликува, (ајде нека биде!), на легендарната и најопеана Сирма Војвода. Всушност, Македонија, во времињата и вековите наназад ги има(ла) во голем број. Но, еве, колку и да е симболика, оваа „мома“ како да е „реинкарнација“ на оние што не знам кога биле тоа. (Само погледнете со каква послушност нејзиниот „вранец“, веројатно ’ржејќи, ги издигнува највисоко од сите други сортни коњи предните нозе, горд на својата млада јавачка!) Со нејзината возраст, „војвоткава“ ја доживувам како моја публика, од оваа, електронскава генерација, која, на секоја средба, ја бранам, верувам и се гордеам со неа. Тој впечаток, насекаде до каде што допирам и стигнувам низ земјава Македонија, неподелено и со силна верба јавно го искажувам. Една од големите и благословени родољуби, на Илинден, тргнувајќи со коњаницата од Кичево за кон Гумења и Мечкин Камен над Крушево, преку оваа маркокралевска лика и прилика, ми стана и нашава хероина Андреа.
Нека ѝ бидат патиштата низ животот послани со среќни ѕвезди!

Горјан Петревски


Андреа и Матеја беа најмладите коњаници на Илинденскиот марш

Најмладите учеснички на Илинденскиот марш во мавровско-горнореканската коњаница се девојчиња на возраст од 13 и 15 години, а станува збор за Андреа Данаиловска од селото Зубовце и Матеја Ѓорѓиоска од Кичево.
Девојките потврдуваат дека воопшто немале предрасуди да јаваат на толку долга релација со доминантно присуство на машки коњаници.
– Иако имам само 13 години јас од својата петта година јавам коњ, бидејќи во моето село Зубовце секогаш имавме коњ, кој можеше во секој дел од денот да ми стои на располагање. Бидејќи со дел од коњаниците добро се познавам и не беше воопшто проблем да се одлучам годинава за првпат да учествувам на Илинденскиот марш. Секако е добредојдено и присуството и на Матеја Ѓорѓиоска, која од ланската година има одредено искуство, бидејќи учествуваше на Илинденскиот марш – вели најмладата учесничка Андреа Данаиловска.
Нешто повозрасната Матеја Ѓорѓиоска по ланското огнено крштевање, кога за првпат беше дел од кичевската коњаница, годинава одлучи повторно да биде на Илинденскиот марш.
– Бидејќи ланската година постоеше мала дилема дали сакам да бидам дел од Илинденскиот марш или не, откако сѐ помина во најдобар ред посакав и годинава да бидам дел од коњаницата за Илинденскиот марш, а одлуката ми ја олесни и сознанието дека со нас ќе има уште едно девојче. Се надевам дека времето ќе нѐ послужи и сѐ ќе помине во најдобар ред, а јас со претходното искуство, очекувам во сите етапи до Илинден во Крушево да помине според планираното и да почнам да размислувам за учество во коњаницата и во наредните години – нагласи Матеја Ѓорѓиоска.

З.А.


Македонија

Мајка си на Климента,
на Наума, Гоцета и Јанета
и на сите што те бранеле,
и на сите што те чувале
што те сакале и што
се радувале.

Мајка си на војводи и херои,
на печалбари и на земјоделци,
на твои ќерки и красни синови
што умееле со рани да станат
да те чуваат и да те бранат!

Мајка си ми и моја најсакана
иако со херојство не се
истакнувам,
но затоа умеам да те чувам
и сакам,
затоа, Македонијо,
тебе те бакнувам!

Саво Костадиновски
(Од книгата „Македонија и
нејзините синови“)