Бугарија го узурпира и минатото на Европа

Бугарија барем како членка на Европската Унија мора да разбере дека соседските односи се базираат врз почитување, а не врз негирање на историската вистина, како што таа постојано ги негира македонските јазични или историски особености. Крајно време е Бугарија, како нација и општество, да се откаже од своите обиди за ревидирање на историјата, затоа што на тој начин ги влошува своите односи со соседите, не само со Македонија туку и со Србија и Грција

Ревидирањето на историјата е карактеристика на крајните eкстремистички идеологии, како што беше Третиот Рајх под водството на диктаторот Адолф Хитлер. Нацистичкиот режим при обидите да ја видоизмени историјата не се водеше од историските факти, туку од идеолошката мантра. Во оваа конотација, Јохан Шапуто (францускиот историчар и експерт за нацизмот) вели дека нацистичките водачи „го убедувале германското општество дека древните германски народи создале морална и правна култура што ги следела барањата на природата“. Не случајно Јозеф Гебелс (еден од најблиските соработници на Хитлер) истакнал: „Да се избрише историјата пред 1789 година“. Според Јохан Шапуто, обидите за ревидирање на историјата им се удриле од глава на нацистите и довеле до катастрофален пораз на Германија.
Денес, 78 години по завршувањето на Втората светска војна, Европа повторно се соочува со обиди за ревидирање на историјата. Колку и да звучи апсурдно, Бугарија, која е членка на Европската Унија (заедница што е заснована на рационалноста), во втората половина на 21 век се обидува да ја ревидира сопствената историја, но и историјата на соседните држави и народи. Последен ваков пример беше прославата на Илинденското востание, како востание што имало за цел обединување на бугарските земји. Нема потреба за подлабока анализа за суштината на Илинденското востание и во оваа пригода ќе цитираме еден од бугарските весници по повод одбележувањето на 20-годишнината на Илинденското востание во Бугарија од страна на Македонците. Во споменатиот весник се наведува: „Илинден е единствениот македонски национален празник на нашата ослободителна борба!“.

Во оваа пригода немаме намера да го докажуваме македонскиот карактер на Илинденското востание, туку сакаме само да ги посочиме апсурдностите што пристигнуваат од Софија и се спротивни од историските документи и факти. Но бугарските апсурдности не завршија тука. Само неколку дена по прославата на Илинденското востание во Република Бугарија, бугарскиот премиер Николај Денков изјави дека се обидуваат да најдат празник што ќе обединува. Односно дека 24 мај е токму таков празник, затоа што е единствен што нѐ носи од минатото во иднината. „Тоа е празнување на бугарскиот збор, просветителството, културата и кирилицата како духовно просветлување што му го дадовме на светот“, рече Денков.
Со други зборови, Бугарија се обидува да ги присвои ликот и делото Свети Кирил и Методиј, словенските браќа од Солун што во 9 век станале христијански мисионери во Голема Моравија и Панонија.
Историските факти велат дека Кирил и Методиј се родени во Солун, во тогашната Византиска Империја. Во житието на Методиј се посочува дека солунските браќа зборувале на чист словенски јазик, како и дека првата словенска азбука е создадена од Кирил и Методиј врз основа на говорот на македонските Словени. Оттука, бугарските намери да се прогласи 24 мај за бугарски национален празник, како празник на бугарскиот збор и просвета, се апсурдни и се во контекст на постојаните обиди на бугарската политичко-општествена елита да ја ревидира сопствената историја со намера да оправда одредени шовинистички стремежи кон соседните народи и држави, особено врз македонскиот народ и неговата држава.
Крајно време е Бугарија, како нација и општество, да се откаже од своите обиди за ревидирање на историјата затоа што на тој начин ги влошува своите односи со соседите, не само со Македонија туку и со Србија и Грција. Бугарија како членка на Европската Унија мора да разбере дека соседските односи се базираат врз почитување, а не врз негирање на историската вистина, како што таа постојано ги негира македонските јазични или историски особености.
Ќе завршиме со францускиот историчар Јохан Шапуто, кој вели: „Официјалната нацистичка расна доктрина ги преврте традиционалните анализи со толкување на антиката како производ на нордизмот… Иако расните научници и академици ги воспоставија основите на биолошкиот расизам неколку децении порано, претставниците на нацистичката партија и педагозите (на пример, Дитрих Клагес) го поддржаа нордизмот во новите учебници и ревидираната наставна програма. Накратко, нацистите го узурпираа класичното минато на Европа.“