Главно сум задоволен од прикажаното против Романија, без разлика на победата, која и не ни беше битна. Ние се договаравме да ја играме нашата игра, да градиме еден систем препознатлив за македонската репрезентација. Верувам дека сме на добар пат, вели македонскиот селектор Миленкоски

ОДБОЈКА – ПО ДВАТА ПРИЈАТЕЛСКИ ДУЕЛА СО РОМАНИЈА

Треба да бидеме задоволни по овие две контролни средби со селекцијата на Романија, од кои едната беше тренинг со ситуации и со многу измени од нивна и наша страна, каде што резултатот воопшто не беше битен, додека втората, пак, беше официјална, со интонирање химни и присуство на публика на трибините. Игравме со репрезентација што исто така е учесник на претстојното ЕП и која сериозно се подготвува, вели македонскиот селектор Јошко Миленкоски по двете тест-средби со селекцијата на Романија одиграни во Скопје, од кои втората беше од отворен карактер и во која Македонија славеше со 3-1 во сетови (25-23, 21-25, 25-18 и 25-21).
Македонскиот стратег смета дека целта е остварена и дека формата на репрезентацијата во периодот што следува ќе биде уште подобра.
– На моменти имавме добри фази во играта, сите елементи функционираа добро. Секако дека имавме и падови и грешки, што е нормално во овој период од подготовките. Верувам дека од ден на ден ќе бидеме сѐ подобри, а во следните натпревари што нѐ очекуваат против Израел и Јапонија, селекции што се од рангот на Романија, ќе покажеме дека сме на правиот пат – смета Миленкоски.
Македонскиот стратег настојува да изгради систем на игра што ќе биде препознатлив за црвено-жолтите.
– Главно сум задоволен од прикажаното против Романија, без разлика на победата, која и не ни беше битна. Ние се договаравме да ја играме нашата игра, да градиме еден систем препознатлив за македонската репрезентација. Верувам дека сме на добар пат, но сепак времето што иде и натпреварите што треба да ги одиграме ќе покажат до каде сме успеале во таа наша намера – додава Миленкоски.
На годинашното Европско првенство (ЕП) во групата Ц во Скопје, Македонија прво ќе се сретне со Данска, на 30 август, три дена подоцна со Црна Гора, па ќе следува мечот со водечката селекција на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), Полска, на 3 септември, натпреварот со Холандија е на 5 септември, а следниот ден и дуелот со Чешка. Четирите најдобри селекции од оваа група ќе продолжат во осминафиналето, а натпреварите ќе се играат во Бари (Италија). Г.И.


Горгиев: Среќен сум со квалитетот што го поседуваме

Сличен став како и селекторот изрази и капитенот на македонската репрезентација Никола Ѓоргиев.
– Трет микроциклус завршен, одиграни две средби против Романија. Првата многу потешка со контри и различни тешки топки, каде што поените траеја многу подолго и тоа многу нѐ исцрпи, за разлика од вториот дуел. Многу сум среќен со играчкиот квалитетот што го поседуваме во овој момент. Секако дека сме далеку од формата што ја сакам, но, како што рече и селекторот Миленкоски, од ден на ден ќе бидеме сѐ подобри и подобри. Сега нѐ очекуваат три-четири натпревари во Кавадарци. Горд сум на сето ова што го сработивме со момците во последните три недели и се надевам дека така ќе продолжиме и во преостанатите три и пол микроциклуси, за на крајот да истрчаме максимално подготвени за победа против Данска на ЕП – оптимист е македонскиот капитен Ѓоргиев.