За избраниците на селекторот Јошко Миленкоски, кои славеа со 3-1, ова беше прв контролен тест, на кој можеше да се види што сѐ е сработено во изминатиот подготвителен период

ОДБОЈКА – РЕПРЕЗЕНТАТИВНИ ПОДГОТОВКИ ПРЕД ЕП

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија рутински ја совлада соодветната селекција на Романија со 3-1 во сетови (25-23, 21-25, 25-18 и 25-21), во рамките на подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП), група Ц, кое ќе се одржи годинава (30 август – 6 септември) во Скопје. За избраниците на селекторот Јошко Миленкоски ова беше прв контролен тест, на кој можеше да се види што сѐ е сработено во изминатиот подготвителен период. Натпреварот се одигра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, откако претходниот ден и двете селекции во истата сала имаа заеднички тренинг.
За разлика од Македонија, која настапила само на две европски првенства, во 2019 година (освоено 17-то место) и во 2021 година (освоено 23-то место), за Романија годинашново ЕП ќе биде 18-то, а досега има освоено пет медали, едно злато (1963), две сребра (1955 и 1958) и две бронзи (1971 и 1977). На последното ЕП 2021, Романците не успеаја да обезбедат настап.
Според предвидениот план, македонските одбојкари треба да одиграат пријателски средби и со селекциите на Израел, на 14 август во Кавадарци, и на Јапонија, а од 18 до 20 август во Скопје е предвиден и традиционалниот турнир „Чајка“, на кој покрај Македонија, најавено е да учествуваат и Грција, Египет и Јапонија.
На годинашното ЕП во групата Ц, Македонија прво ќе се сретне со Данска (30 август), три дена подоцна со Црна Гора, потоа со водечката селекција на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), Полска (3 септември), против Холандија (5 септември), а следниот ден е и дуелот со Чешка. Четирите најдобри селекции од оваа група ќе продолжат во осминафиналето, а натпреварите ќе се играат во Бари (Италија). Г.И.


Почна физичката продажбата на билетите за ЕП

Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) информира дека веќе започна физичката продажба на дневни билети за претстојното ЕП во Скопје. Како што е познато, досега билетите се продаваа само онлајн, односно преку продажната мрежа на ЦЕВ, меѓутоа сега е можно и преку мрежата на „МК тикетс“. Така, секој што ќе сака да гледа натпревари во СЦ „Борис Трајковски“, може да си купи дневен билет на сите продажни места на „МК тикетс“ во Македонија. Цената на дневните билети се движи од 500 до 750 денари, додека билетот за сите натпревари на Македонија останува во продажба преку мрежата на ЦЕВ и чини 1.800 денари.