Кога веќе станува збор за вандализирање на спомениците, вреди да се обележи уште една интересна појава. Имено, во разговорите со неколку жители во близината на граничниот премин кон Бугарија кај Ново Село ни беше укажано на една апсурдна ситуација. Според нивите кажувања, во 80-тите години на 20 век, во близината на споменатиот граничен премин било свечено подигнато спомен-обележје посветено на борците на Народноослободителната војна од Втората светска војна, а на отворањето присуствувал и Михајло Апостолски (македонски партизан, генерал, командант на НОВ и ПОМ, воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој).
Мештаните укажуваат дека неодамна споменатиот споменик бил возобновен, но текстот претрпел измени! Имено, со реставрацијата на спомен-обележјето, наместо истото тоа да биде доведено во состојба на обновеност и заштита, во зафатот била променета и таблата со изменет текст! Имено, на спомен-обележјето можеме да го прочитаме следното: „Вишнејќи се горостасно, борејќи се со бугарскиот окупатор во февруарскиот поход и пролетната офанзива партизанските слободољупци гинеа и тие да живеат и бидат врежани во слободната иднина со крвави лузни носени по оваа македонска врвица каде и последниот наш цар отстојувањето го издигнал со очите на своите воини“.
Според кажувањето и сведочењето на еден жител од Старо Коњарево, во споменатиот текст недостига зборот „фашистички“, односно во минатото пишувало „бугарски фашистички окупатор“, а сега, на новата табла, тоа веќе го нема!
Некои од жителите на околните места велат дека можеби станува збор за превид, некои пак велат дека тоа е резултат на некои актуелни политички интервенции, при што тврдат дека „зборот фашизам е намерно изоставен, за да не биле навредени бугарските граѓани“?!
Според неколку селани од Старо Коњарево со кои разговараме, ни беше посочено дека без разлика на денешната политичка состојба и македонско-бугарските односи, недозволиво е да има интервенции на спомен-обележје, бидејќи на тој начин не го почитуваме сопственото минато, односно македонската народна борба против фашистичкиот режим на царска Бугарија.
Жителите на околните села исто така се пожалија дека и покрај тоа што било возобновено спомен-обележјето, неговата околина не се одржува и честопати е запуштена. Тие ги повикуваат надлежните институции да не ги забораваат Македонците што го дале својот живот за оваа држава.
Ова не е единствен случај кога мистериозно исчезнува изразот фашистички од спомен-обележје од НОБ. Таков пример е и оштетувањето на Споменикот на револуцијата во Тетово, кога беше искршен дел од предниот лик на ова спомен-обележје посветено на загинатите борци во Народноослободителната војна или кога исчезнаа зборовите „бугарски фашистички окупатор“ од споменикот во чест на Богомилскиот марш, кој се наоѓа над здравствената установа во Јасеново, на стариот пат кон Прилеп, кога со брусење беше оштетен дел од текстот на плочата.
Примерите од граничниот премин кај Ново Село, Споменикот на револуцијата во Тетово или спомен-обележјето во Јасеново, кога исчезнуваат зборовите бугарски фашистички окупатор или фашистички, кај македонските граѓани оставаат впечаток како некој да сака да ја ревидира македонската историја.