Не ги разбирам!

Ако продолжиме да го распродаваме националното наследство – на јужниот сосед му го подаривме античкиот период и ги отпишавме Македонците што живеат во Грција, сега се подготвува финалето и на источниот сосед како на тацна ќе му подариме сѐ што ќе посака – во таков случај што ќе остане од нас? Без нашата историја, нашиот јазик, традиција и култура ние ќе бидеме слаби, плашливи, неодлучни, тукуречи без никаква вредност, односно потстрижени! Такви никој нема да нѐ сака и самите ние нема да се почитуваме. Додека сите соседи со силен глас и со барабани тропаат кои делови од нашата историја сакаат да ги грабнат, овие нашиве уплашени и стаписани како некој да ги маѓепсал немаат храброст ниту протестна нота да изречат

Колега, знаеш што, често не можам да ги разберам што прават и што сакаат да направат, верувај ми, ова што ти го кажувам е чиста вистина. Понекогаш си велам можеби вината е во мене и затоа не можам да ги разберам работите, ама од друга страна се трудам, правам напори да ги разберам, но никако не ми оди, едноставно не ги разбирам. Дали ме разбираш што сакам да ти кажам?
Пријателе, ниту знам за кого зборуваш ниту те разбирам кого не разбираш и зошто не можеш да ги разбереш! Се гледа дека нешто те измачува, биди малку појасен и ослободи се од тоа што те тишти. Батали ги таквите работи, многу мислители и филозофи рекле и докажале дека во белиот свет не постои човек што нема некоја мака, некој помала друг поголема. Едни се тажни што денес сонцето многу грее, други што наредниот ден небото ќе биде полно со облаци. Колку што можам да те разберам, твојата мака е иреална, да не кажам измислена. Ти текнало демек не ги разбираш зошто сакаат да ти напишат книга, па зошто токму ти треба да ги разбереш, можеби тие што сакаш да ги разбереш тие не сакаат да ги разбереш, дали сум ти јасен?
Колега кога те видов помислив дека конечно со некого ќе си направиме бистар разговор, ти ќе ме разбереш и јас ќе те разберам ама види излегува дека покрај тоа што нив не ги разбирам, сега и тебе не те разбирам, одозгора и ти мене не ме разбираш, овој пат мислам дека се разбравме, нели?
Воопшто не се разбравме ама тоа да го оставиме настрана за да се разбереме ќе ти раскажам една ликовна приказна што е интересна и лесна за разбирање. Станува збор за Џорџо ди Чирико, роден во Волос, Грција, живеел во Италија и важи за еден од иницијаторите на метафизичкото и надреално сликарство, приказната ќе ти се допадне и сигурно ќе ја разбереш, убеден сум ќе ја разберат дури и тие што ти не можеш да ги разбереш! Бива?
Не, јас ќе ти раскажам една друга, сигурно си слушнал за Самсон и Далила бидејќи била тема на многу значајни ликовни творци.
Легендата е од стариот завет, во неа се вели кога се родил Самсон мајка му од неговата коса направила четири плетенки, а Севишниот ги благословил. Така, Самсон добил чудесна сила и ги победувал Филистејците, противниците на Израел. Далила го забележува убавиот и силен Самсон и решаваат да живеат заедно. Непријателите Филистејци со поткуп ја убедуваат убавата Далила, во душата крајно грда, да дознае од каде ја има силата Самсон? Една вечер Самсон ѝ се доверува на Далила дека силата му доаѓа од косата. Кога Самсон заспива Далила му ја крати косата со што Самсон ја губи силата, Далила за пари им го предава на Филистејците, кои го ослепуваат и засекогаш останува во небиднина и темнина.

Која ти е поуката од легендата за Самсон и Далила?
Гледаш колку е непријатно кога некого не можеш да го разбереш?
Почнувам малку да насетувам, ако имаш намера нашите состојби да ги споредиш со легендата за Далила и Самсон мислам дека по малку претеруваш, тие живееле пред две илјади години и како можеш го споредуваш тоа време со нашево?
Драго ми е што почна да ме разбираш, времето минува, но настаните се паметат. Замисли и пред толку века имало лични предавства и политички измами, сите поврзани со нечија цел и корист, и тоа немилосрдни, крајно драматични и нечовечки! Самсон пред измамата стоеше цврсто на нозе, се бореше дури и победуваше, по предавството тој стана немоќен, ранлив и речиси неупотреблив тоа била неговата немилосрдна судбина.
Да се вратиме во денешново време, како народ и држава нашата сила е во тоа што го имаме. Ако продолжиме да го распродаваме националното наследство – на јужниот сосед му го подаривме античкиот период и ги отпишавме Македонците што живеат во Грција, сега се подготвува финалето и на источниот сосед како на тацна ќе му подариме сѐ што ќе посака – во таков случај што ќе остане од нас? Без нашата историја, нашиот јазик, традиција и култура ние ќе бидеме слаби, плашливи, неодлучни, тукуречи без никаква вредност односно потстрижени! Такви никој нема да нѐ сака и самите ние нема да се почитуваме. Додека сите соседи со силен глас и со барабани тропаат кои делови од нашата историја сакаат да ги грабнат, овие нашиве уплашени и стаписани како некој да ги маѓепсал немаат храброст ниту протестна нота да изречат.

Ама ЕУ, што ЕУ, и со ЕУ се води иста приказна. Ќе дојде некој од таму, домашниве понизно ќе му се поклонат и сѐ што ќе им се каже го прават или се трудат да го исполнат дури и тоа што е спротивно на интересите на граѓаните што ги избраа! Колега, нели гледаш дека сме потстрижени до кожа? Ако некогаш влеземе во ЕУ таму треба да однесеме нешто, да ја збогатиме ЕУ со дел од нашата култура и искасапена историја. Ме чуди со кој ум некои од ЕУ, по сите отстапки што ги направивме доаѓаат да нѐ убедат „уште ова и тука ќе биде крајот“. Чиј крај и каков крај! Ете што ме измачува и не можам да ги разберам, дали сега ме разбираш?
Пријателе, ќе ми простиш, те разбирам што не можеш да ги разбереш соодветните личности, ама јас сум малку поголем оптимист од тебе, работите се сложени, тоа никој не го спори, но ниту на крај памет не ми доаѓа да помислам дека и ние ќе се најдеме во состојба во каква се нашол, како што ти го нарекуваш господинот Самсон, кој останал во небиднина и темнина. Тешкотии има и ќе ги има, ама ќе дојдат и посветли денови за сите дури и за тие што сега не можеш да ги разбереш, а да бидам искрен често и јас не ги разбирам.
Колега, сакам да бидам оптимист, но треба многу внимателно да не ни се случи по неколку века да почне да се шири некоја легенда во која ќе нѐ спомнуваат за народ што самиот си ја распродал сопствената држава бидејќи во одреден временски период државата ја воделе неуки и алчни личности.
Приказната за Џорџо ди Чирико ќе ми ја раскажеш во некоја друга колумна.

Коле Манев