Трката на најдолгата патека во календарот на Формула 1, Спа (Белгија), на програмата е утре, како последна трка сезонава пред летната речиси едномесечна пауза, пишува Формула 1. Вчера требаше да се одржат квалификациите, денеска е спринт-трката, а трката за големата награда на Белгија е утре (од 15 часот).
Првата трка на оваа патека, долга 7.004 метри, е одржана во 1950 година. Најбрз круг извози Валтери Ботас во 2018 година (1:46,286 минута), најмногу пол-позиции има Луис Хамилтон (шест), најмногу победи забележа Михаел Шумахер (шест)…
Ова ќе биде третиот викенд сезонава во рамките на кој ќе се одржи и спринт-трка, откако такви трки се одржаа во Азербејџан и во Австрија, а до крајот на сезоната треба да се одржат и во Катар, САД и во Бразил.
По 11 трки сезонава води актуелниот првак Макс Ферстапен со 281 поен (забележа девет победи, вкупно 11 пласмани на подиумот), а потоа се Серхио Перез со 171 (две победи), Фернандо Алонсо со 139, Хамилтон со 133, Џорџ Расел со 90, итн. Н.М.