Авиокомпанија планира да врши комерцијални летови со помош на авион на електричен погон без јаглеродни емисии до 2025 година

Постигнувања на патот до одржлив авиосообраќај

„Зероавија“ изврши девет пробни летови со својот авион со водороден електричен мотор на аеродромот „Котсволд“, во близината на Сиренстер. Единствената емисија што ја создава моторот е вода. Сергеј Киселев, потпретседател на „Зероавија“, рече дека моторот ќе помогне да се постигне „декарбонизација на авијацијата“. Многу други воздухопловни фирми развиваат мотори што работат на водород, но повеќето не очекуваат да пуштат комерцијални летови до 2035 година. Тогаш, како „Зероавија“ успеа во својот потфат и дали ќе може да се лета со авион без да предизвикува загадување многу порано отколку што мислеа луѓето?

Како функционираат еколошките авиони?

Компанијата со седиште во Глостершир многу побрзо оствари напредок во оваа сфера, бидејќи не дизајнира целосно нов авион. „Зероавија“ работи на „дорниер 228“, конвенционален авион со 19 седишта, кој има два пропелери, кои обично се напојуваат со керозин. Еден од нив беше заменет со електричен мотор, а електричната енергија се генерира во авионот со помош на водородна горивни ќелии. За периодот на тестирање, другиот мотор останува да се напојува со керозин, во случај на дефект. Но штом ќе се докаже технологијата, двата мотора ќе работат на електрична енергија од водородните горивни ќелии. Меѓутоа, новиот мотор треба да помине безбедносни тестови, а компанијата работи со Управата за цивилно воздухопловство за да се добие сертификат.

Дали авионот навистина е еколошки?

Водородните горивни ќелии не се нови и широко се користат во автомобилите и камионите. Тие користат хемиски процес наречен „обратна хидролиза“, кој комбинира водород со кислород и создава топлина, водена пареа и, најважно, електрична енергија. Така, вградениот мотор не создава стакленички гасови.
На Универзитетот во Бат, професорот Тим Мејс го проучува водородот триесет години. Тој раководи со Центарот за истражување на водородот во Велика Британија, кој неодамна доби 11 милиони фунти за да истражи како водородот може да помогне во борбата против климатските промени. Професорот објасни дека е можно да се користи електролиза за поделба на водата на водород и кислород, користејќи обновлива електрична енергија. Според него, на тој начин се добива зелен водород, кој е потребен во воздухопловната индустрија.

Капацитет на авионот

Авионот на „Зероавија“ нема да биде голем. Моделот „дорниер 228“ ќе превезува околу 12 патници и ќе може да лета околу 400-500 километри, според директорот Киселев. Тоа е доволно за лет од аеродромот од Бристол до Њукасл или од Лондон до Париз. До 2027 година, компанијата планира поголем водородно-електричен мотор што ќе напојува поголеми авиони. Со него ќе може да се превезуваат околу 50 патници и ќе може да прелета околу 1.000 километри.

Кои се предизвиците?

Воздухопловната индустрија ќе треба да изгради целосно нова инфраструктура, како центри за производство на водород, мрежа за доставување гориво до аеродромите, складирање на аеродромите и слично. Исто така, водородот е многу поразличен од конвенционалниот керозин, бидејќи неговото складирање зазема многу простор. За да може сето тоа да се пренесува, гасот се компресира до 350 или 700 пати повеќе од атмосферскиот притисок. Дури и тогаш, зазема повеќе простор од керозинот. За да се транспортира како течност, прво мора да се излади на 253 степени под нулата. Во моментов, аеродромите и авиокомпаниите прават истражувања за неговото складирање и пренесување.

Колкав интерес постои за развој на еколошки авиони?

Хангарот на аеродромот „Котсволд“ е мал и далеку од големите истражувачки лаборатории на „Ербас“, „Ролс Ројс“ и „Боинг“. Но „Зероавија“ веќе има нарачки за повеќе од 1.500 од својот прв мотор. „Ер кахана“ е нова калифорниска авиокомпанија со „мисија да ја декарбонизира авијацијата“. Уште еден ран клиент е еколошкиот претприемач Дејл Винс, кој ја основа фирмата за обновливи извори на енергија „Екотрисити“. Винс ја формираше авиокомпанијата „Екоџет“, која ќе ги користи моторите на „Зероавија“ за патничките летови, прво од Единбург до Саутемптон.
Поголемите воздухопловни фирми со интерес го следат малиот стартап. „Ербас“ има огромна програма за истражување наречена „Зеро-Е“, која користи и водород. Компанијата ги истражува и водородните горивни ќелии за да создаде електрична енергија за напојување на пропелерите и да користи течен водород директно за согорување. Но „Ербас“ има цел да овозможи летови до 2035 година што е цела деценија подоцна од малите мотори на „Зероавија“. Киселев рече дека токму таа била една од причините за да не создаваат целосно нов авион, туку само да го сменат моторот на постојниот авион.
Компанијата сега има најмалку два големи предизвика. Еден од нив е да се направи безбеден и сертифициран мотор подготвен за употреба до 2025 година. Засега е на добар пат да го постигне тоа. Другиот потежок предизвик ќе биде авионот да се напои со нов водород кога ќе слета на крајната дестинација.