Дрвен мост, висока кула со лизгалка, пожарникарски дел за спуштање по вертикална шипка, дел за качување со штици што се лулаат. Навистина, замислата на игралиштето е прекрасна, меѓутоа од него, за жал, демне опасност. Нашата екипа направи увид и, навистина, состојбата е катастрофална, особено затоа што станува збор за дрво, кое под влијанието на временските услови скапало, распукало и едноставно ослабнало, па напукнува при секое детско движење
ЖИТЕЛИТЕ на скопска Железара во исчекување на реконструкцијата на единственото игралиште за децата од најмала возраст
Парковите и детските игралишта низ градот се полни со мали дечиња што си играат и се лулаат на поставените детски реквизити. Меѓутоа, доколку лулашките и другите реквизити за детска анимација не се сервисираат редовно, може да дојде до сериозни последици по децата што играат на нив.
Внимание: ДЕЦА СЕ ПОВРЕДУВААТ
Таква е сликата на дрвеното детско игралиште во населбата Железара, единствено од таков тип. Игралиштето е најомилено кај децата, па секоја вечер по ладовина може да се забележат голема група дечиња што играат токму на него. Дрвен мост, висока кула со лизгалка, пожарникарски дел за спуштање по железна шипка, дел за качување со штици што се лулаат. Навистина, замислата на игралиштето е прекрасна, меѓутоа од него, за жал, демне опасност.
По реакција на редовни читатели на „Нова Македонија“, нашата екипа направи увид во состојбата со игралиштето и, навистина, состојбата е катастрофална, особено затоа што станува збор за дрво, кое под влијанието на временските услови скапало, распукало и едноставно ослабнало, па напукнува при секое детско движење.
Висат и паѓаат штици, стрчат шајки, се откачуваат скалилата за качување…, ова детско игралиште е вистинска главоболка за родителите, дотолку повеќе затоа што децата едноставно не можат да се оттргнат од него.
Според нашите информации, неодамна дури и едно дете паднало на мостот, бидејќи му пропаднала ногата во направените процепи на дрвениот мост. Родителот вели дека, за среќа, посериозни повреди нема, но видлива е раната на нагризнатата уста, како последица на падот.
Родителите велат дека ова е единствено игралиште од тој вид и кое децата навистина го сакаат. Зградата пред ова игралиште исто така има лизгалка и лулашки, но не се толку атрактивни за децата, а и во вечерните часови не се осветлени, па сите жители со мали деца се собираат кај дрвените лулашки.
– Нашите деца сакаат тука да играат, бидејќи навистина го сакаат ова игралиште. Со песок е околу него, па има забава за сите. Кој сака да копа во песок, кој да се качува и да се лизга, друг да се спушта како пожарникар. Меѓутоа, заборавено е од надлежните, едноставно со години стои вака и нема надеж дека некогаш ќе го поправат – вели родител, чие дете играше токму на тоа игралиште.
ИГРАЛИШТЕТО СО ГОДИНИ се амортизира, без да се обновува
Од нашата обиколка, дополнително забележавме и дека родителите на децата самоиницијативно ги санираа колку што можеа штетите на дрвените лулашки. Родител на дете со бормашина и шајки ги зашрафуваше откачените скалила под кои се гледа дупка.
– Некој мора да ги средува. За среќа, имаме жители што навистина вложуваат време и труд за колку-толку децата да имаат каде да играат. Меѓутоа не е фер тоа да го прават жителите, кога има надлежни што го поставиле ова игралиште и кои се одговорни за безбедноста на истото тоа. Што ако некое дете добие посериозна повреда, кој ќе биде одговорен тогаш? – прашува друга жителка на Железара.
За волја на вистината, нашиот весник пред неколку години направи иста ваква тема, во која, тема беше истото детско игралиште. Тогашното општинско раководство најави санација на игралиштето, но реквизитот остана така како што го затекнавме во таа пригода.
Новите општински власти велат дека во план е реконструкција на детското игралиште. Како што информираа, планирано било за оваа недела, но, поради невремето што се случи, планот е одложен за наредната недела.
– Дадовме налог да се реконструира сѐ на спомнатиот простор. Оваа недела невремето ни ги наруши плановите и моравме комплетно да се посветиме на санација на состојбата. Меѓутоа се надеваме дека наредната недела ќе немаме непредвидени активности и ќе можеме да ги насочиме нашите екипи за да започне реконструкцијата, во интерес на граѓаните – информираат од општината.
Граѓаните со нетрпение ќе ги очекуваат луѓето задолжени за реконструкција на детското игралиште. Децата заслужуваат да имаат место на кое безгрижно ќе играат и ќе се дружат, а родителите ќе бидат спокојни, знаејќи дека нивните деца не се во никаква опасност од руинираните реквизити.