Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денес ја посети службата за Итна медицинска помош во рамки на ЈЗУ Здравствен дом Скопје, со цел да се информира за нејзината работа која е со зголемен обем поради високите температури кои ја зафатија земјава.
Меџити разговараше со здравствените работици кои се дел од оваа служба и кои се во прва линија кога станува збор за итни случаи на кои им е потребна здравствена заштита, интересирајќи се за предизвиците со кои се соочуваат секојдневно на терен.
Во текот на средбата Меџити посочи дека службата за Итна медицинска помош игра клучна улога во обезбедувањето на навремена и соодветна здравствена заштита за пациентите и дека токму затоа Министерството за здравство работи на унапредување на нејзините капацитети.
Тој најави дека Министерството за здравство доставило барање до Владата за набавка на нови 22 возила за потребите на Итната медицинска помош, кои се планира да бидат распределени во целата држава за да се обезбеди уште поефикасна здравствена заштита за пациентите.
Оваа информација беше поздравена од здравствените работници во ЈЗУ Здравствен дом Скопје, кои го информираа министерот дека најавената иницијатива за набавка на нови возила ќе биде од големо значење во насока на унапредување на нивната работа.