Зголемувањето на ДДВ за купување пелети од пет на 18 проценти ќе им ги зголеми трошоците на граѓаните што своите домови во зимскиот период ги затоплуваат со овој вид огрев. Минатата година овие граѓани за еден тон пелети плаќале од 280 до 300 евра, а со зголемувањето на ДДВ оваа сума сериозно ќе се зголеми. Според процените, меѓу 40 и 50 илјади граѓани користат печки на пелети, а едно просечно македонско семејство годишно троши три тони пелети за греење, кои би чинеле вкупно околу 60.000 денари. Отсега истото тоа семејство за истото количество огрев ќе треба да плати 13 отсто поскапо по основа на ДДВ
Поскапувањето на пелетите би било ценовен удар за многу граѓани
Со предлог-законот за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, кој го усвои Владата точно пред една недела (11 јули), меѓу другото се зголемува даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети и од повластена даночна стапка од пет проценти се оди нагоре на редовната стапка од 18 проценти.
Ова е предлог-закон, пратениците може и да не се согласат со зголемувањето на ДДВ за пелети
На забелешките на трговците со пелети во врска со ваквата одлука, вицепремиерот Фатмир Битиќи објасни дека за домаќинствата може да има отстапувања од Владата во однос на мерката за враќање на даночната стапка за промет на увозот на пелети и печки и котли на пелети ако тоа во овој временски период значи голем удар за граѓаните.
– Пелетите се поеколошки, но не се најеколошкиот производ што може да се искористи за загревање. Ова е предлог што е дојден од Министерството за животна средина веројатно во истата форма во која беше даден претходно. Јас мислам дека во Владата нема да има против на одложена примена дури да го прифати кој било предлог што евентуално пратениците би го дале – ретерираше вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Минатата година цената на тон пелети со 5 отсто ДДВ беше од 280 до 300 евра, а годинава со 18 отсто ДДВ?
Зголемувањето на ДДВ за купување пелети од пет на 18 проценти ќе им ги зголеми трошоците на граѓаните што своите домови во зимскиот период ги затоплуваат со овој вид огрев. Минатата година овие граѓани за еден тон пелети плаќале од 280 до 300 евра, а со зголемувањето на ДДВ оваа сума сериозно ќе се зголеми. Според процените, меѓу 40 и 50 илјади граѓани користат печки на пелети, а едно просечно македонско семејство годишно троши три тони пелети за греење, кои би чинеле вкупно околу 60.000 денари. Отсега истото тоа семејство за истото количество огрев ќе треба да плати 13 отсто поскапо по основа на ДДВ.
– Пред неколку години нѐ убедуваа дека треба да ги замениме печките на дрва и на јаглен со поеколошки начин на загревање на домовите. Се одлучивме за печки на пелети, за што користевме и субвенции од државата. Сега повторно ни велат дека ваквиот начин на греење не е добар и дека треба да побарам друг извор на енергија што воопшто не ја загадува животната средина. Но за тоа треба да вложам дополнителни средства, а тие за моето семејство се превисоки – вели еден жител од Скопје во спроведената анкета на повеќе десетини граѓани низ повеќе скопски општини.
За просечно затоплување на еден дом се потребни меѓу два и два и пол тони, но има и семејства што купуваат од четири до пет тони за една грејна сезона, а тоа е за затоплување куќи со поголема корисна површина или за помали деловни простории. Најчесто овие печки се поставуваа заедно со радијатори за да се загрева целата површина.
Осумдесет отсто од пелетите се од увоз
На Македонија ѝ се потребни 120 илјади тони пелети годишно, но дури 80 отсто од пелетите се увезуваат. Главните пазари од каде што се увезуваат пелетите се Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија. Ланската зима Србија и БиХ воведоа забрана за извоз, Црна Гора воспостави квоти и дозволи за секој камион посебно, а Бугарија нема доволно количества пелети за извоз.
Министерството за економија лани во ноември ја замрзна цената на еден тон пелети на 27 илјади денари, односно 27 денари по килограм, и со тоа ја преполови нивната цена, која се движеше до 55 денари за килограм. Поради новото поскапување на пелетите постои предизвик за дел од граѓаните повторно да се вратат на стариот начин на загревање на домовите, со печки на огревно дрво. Но цената на дрвата за огрев е на високо ниво и во складиштата во Скопје се движи меѓу 4.500 и 4.900 денари за еден просторен метар. М.Ј.