Фото: Архива

На денешната седница, Владата ќе ја преиспитува сопствената одлука за спојување на концесиите на „Еуромакс рисорсис“, за рудникот „Иловица – Штука“. На владината седница ќе се разгледа и поопширна информација од министерот за економија Крешник Бектеши и од вработените во Министерството за економија надлежни за доделување на концесиите, откако пред две недели, односно на 5 јули, се постапи по одлуките на судот за спојување на двете концесии за рудникот „Иловица – Штука“.
На седницата, одлуката за преиспитување е ставена како дополнителна точка и, како што појасни министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која заедно со својата колешка од Министерството за животна средина Каја Шукова, во саботата присуствуваше на протестот во Струмица против отворање на рудникот.
– Рудник нема да има, затоа што ставот на министрите од Социјалдемократскиот сојуз е ист со ставот на граѓаните од општините во Струмичкиот Регион, Ново Село, Босилово и Василево. Гласањето за таа точка на самата седница беше ставено дополнително и вообичаено, кога имаме дополнителни точки, образложението што го дава министерот надлежен за одреден ресор е образложение на кое се потпираме ние и затоа ја гласавме точката – изјави Тренчевска.
Таа истакна дека на денешната седница министрите ќе имаат поопширна информација од министерот за економија и од вработените во Министерството за економија што работат во правниот сектор, каде што се доделуваат концесиите.
– Тие треба да ни образложат за сите судски одлуки, сите дополнителни документи што ги имаат издадено и потоа ќе ја преиспитаме одлуката и да донесеме одлука онака како што мислат мнозинството министри од СДСМ – вели Тренчевска.
На новинарско прашање како по едностраното раскинување на договорот за концесија од Владата, Управниот суд, по 11 пресуди во корист на Владата, неодамна одлучи да ја прифати жалбата на концесионерот и ја менува одлуката во период кога има и промена во капиталот, министерката рече дека судските одлуки не можеле и не смееле да ги коментираат, но дека токму затоа е толкава довербата во судството, поради вакви и слични одлуки.
Владата има правна можност да ја повлече својата одлука и да ја стави надвор од сила, велат правни експерти, но „оштетената страна“ има исто така можност повторно да тужи. Владата има правна можност да ја поништи својата одлука од 27 јуни за спојување на двете концесии за експлоатација на бакар и злато во локалитетот Иловица за компанијата „Еуромакс рисорсис“. Но поништувањето треба детално да го образложи – што било спорно во претходната одлука и кои закони биле прекршени со нејзиното донесување. Ваквите можности се предвидено во Деловникот и во Законот за Владата. Најавата за ревидирање на одлуката за спојување на концесиите следува по протестите на локалното население од Струмичкиот Регион, кои се против отворањето на новите рудници. Е.Р.