Јавноста со право е загрижена од ваквиот несериозен пристап на политичарите бидејќи утре лесно може да се случи поради вакви подметнувања да помине некоја одлука со која може да се загрози и суверенитетот на државата, земјата да се стави во подредена улога кон друга земја или, пак, да се предизвикаат други штети, кои подоцна ќе ги трпат граѓаните. Соговорниците со кои се консултиравме сметаат дека последното гласање во Владата за спојување на концесиите говори за „тотално несериозен пристап на оние што треба да носат одлуки во интерес на граѓаните и државата“!
Образложението за наводни „подметнати документи“ во врска со спојувањето на концесиите за рудниците отвора многу дилеми
Протести, меѓусебни обвинувања и жестоки реакции предизвика во јавноста неодамнешната владина одлука за спојување на концесиите за ископ на минерални суровини за рудникот „Иловица – Штука“, поради што дел од владините министри излегоа во јавноста со образложение дека биле изманипулирани за време на гласањето во врска со оваа одлука.
Директното обвинување за подметнување амнестира од одговорност?!
Имено, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и министерките за одбрана и за животна средина, Славјанка Петровска и Каја Шукова, тврдат дека точката за спојување на концесиите им ја подметнал министерот за економија Крешник Бектеши, така што со материјалите доставил образложение во кое пишувало дека Управниот суд наложил да се спојат концесиите.
– Не знаевме дека одлуката на Управниот суд не бара од Владата спојување на концесиите – изјави министерот Оливер Спасовски, кој како и повеќето негови колеги немал причина да се сомнева во документ на министерството што го презентирал Бектеши.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска појасни дека министрите за време на седницата немаат време да ги разгледаат сите материјали за точки што се додадени на дневниот ред на самата седница, туку дека во такви случаи се потпираат на образложението што го добиваат од ресорното министерство.
Пред нешто повеќе од пет години слична работа имаше и во македонското собрание, кога пратеници без да ги проверуваат материјалите гласаа против мерки за подобрување на човековите права, поради што подоцна се правдаа со дефокусираност и техничка грешка.
Овие примери јасно покажуваат дека политичарите се обична гласачка машинерија, која не се посветува доволно на материјалите што ги добива, не работи да ги подобри и да внесе некаков личен печат во нив, туку гласа по автоматизам, не водејќи сметка дека на тој начин ѝ се прави сериозна штета врз државата.
„Гласачката машинерија“ не е во функција на граѓанскиот интерес
Јавноста со право е загрижена од ваквиот несериозен пристап на политичарите бидејќи утре лесно може да се случи поради вакви подметнувања да помине некоја одлука со која може да се загрози и суверенитетот на државата, земјата да се стави во подредена улога кон друга земја или, пак, да се предизвикаат други штети, кои подоцна ќе ги трпат граѓаните.
Соговорниците со кои се консултиравме сметаат дека последното гласање во Владата за спојување на концесиите говори за несериозниот пристап на оние што треба да носат одлуки во интерес на граѓаните и државата.
– Ретко некој ги чита материјалите што ги добива и за кои треба да се произнесе и да гласа. Кај нас за ништо нема одговорност бидејќи ако беше поинаку тогаш премиерот итно ќе го сменеше министерот за економија. Што ако утре некој министер подметне образложение со кое се укинува суверенитетот врз Западна Македонија и се воспоставува нова федерална единица? Или, пак, ако се признае бугарско потекло на македонскиот идентитет и јазик? И тогаш, кога ќе биде предоцна, ќе се правдаат дека му верувале на образложението што некој им го подметнал? Па погледнете сега што ни кажуваат странците, вие си го изгласавте „францускиот предлог“ и мора да го спроведете. Утре ќе ни кажат вие сте изгласале ваква или онаква одлука, мора да се држите до неа. Затоа е потребно сите да се повикуваат на одговорност, да отворат четири очи и секогаш да знаат за што гласаат и да имаат јасен став за тоа што го гласаат, а не отпосле, откако ќе ги притисне јавноста, да ретерираат и да се правдаат со подметнувања. Навистина е несериозно – категорични се соговорниците со кои се консултиравме.